Алвеш плати кауција за да излезе од затвор

од Симе Стоиков

Бразилскиот фудбалер Дани Алвеш, осуден на четири и пол години за силување, платил кауција од еден милион евра и ќе може да излезе од затвор, соопшти денеска судот во Барселона.

„Ве информираме дека кауцијата на Дани Алвеш е запишана на сметките на судот во Барселона“, се вели во соопштението на овој суд.

Бројни новинари денеска од утрото на дожд се собраа пред затворот, кој се наоѓа на 40 километри од Барселона, и го чекаа неговото ослободување од затвор. Алвеш се очекува да излезе од затвор во текот на денешниот ден.

Минатата недела судот одлучи да го ослободи Алвеш со кауција од еден милион евра. Со кауција од 1 милион евра, Алвеш мора да ги предаде бразилскиот и шпанскиот пасош и му е забрането да ја напушти Шпанија.

Тој не смее да дојде на километар од жртвата, да се појавува пред нејзиниот дом или работно место или да се обиде да комуницира со неа во следните девет години. Исто така, судот нареди Алвеш да и исплати отштета на жртвата во износ од 150.000 евра, а Бразилецот еднаш неделно да се јавува во судот.

Алвеш беше осуден во февруари на четири и пол години затвор за силување жена во ноќен клуб во Барселона на 31 декември 2022 година.

Слични содржини