Американски сенатори по средбата со Вучиќ: Очекуваме Србија да ја усогласи политиката кон Русија со ЕУ

од Nikola Popovski

Соединетите Американски Држави очекуваат Србија да ја прилагоди својата политика кон Русија со политиката на Европската унија, изјавија во вторник американски сенатори по разговорите со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград.

Заедничко обраќање до медиумите немаше, но американските сенатори на прес-конференција рекоа дека нивната посета ја нагласува важноста на Западен Балкан за САД, особено „во време критично за европската историја“.

„Разбираме дека Србија и Русија имаат сложена историја, но се надеваме дека ќе продолжиме да работиме со Србија за да испратиме јасна порака до Русија“, изјави сенаторот Крис Марфи за новинарите во американската амбасада по средбата на делегацијата со Вучиќ.

Три пати ги поддржаа резолуциите

Србија трипати ги поддржа резолуциите на ОН против Русија, вклучително и неодамнешната со која се суспендираше членството на Русија во Советот за човекови права, но не се приклучи на санкциите наметнати од Запад кон Русија поради нејзината агресија врз Украина.

Сенаторката Џин Шахин им потврди на новинарите дека на состанокот се разговарало и за санкциите. Претседателот на Србија рекол дека иднината на Србија е на Запад со остатокот од Европа и „ако тоа е намерата, тогаш дефинитивно треба да видите дека имате надворешна политика која е усогласена со Европската унија“, изјавила Шахин, цитирана ТВ Н1.

„Демократските нации не можат да толерираат „брутален“ курс на војна насочена кон цивили“, рече сенаторот Марфи и порачал дипломатски „се надеваме дека ќе можеме да бидеме со Србија во наредните недели и месеци за да ја испратиме таа порака до Русија“.

Во соопштението, кабинетот на Вучиќ вели дека подобрувањето на соработката со САД е еден од нејзините надворешнополитички приоритети „и дека Србија е посветена на почитување на принципите на меѓународното право, територијалниот интегритет и политичката независност на државите…како што беше потврдено од гласањето на Србија во Генералното собрание на ОН и други меѓународни тела“.

Слични содржини