Анима Мунди: Да се сместат зад решетки монструмите кои од возило застрелале и убиле куче!

од Vladimir Zorba

„Правило, а не отстапка е дивеењето на насилници и битанги во главниот град или државава, демонстрирањето на сила, покажувањето дека никој не им може ништо. Овој пат не е обесено, заклано, удавено или затруено животно, туку застрелано куче среде една од најурбаните населби во Скопје, Ново Лисиче, во близина на трговскиот центар Лиса и основно училиште“, соопштија од Анима Мунди.

„Македонија – и никаков простор за изненаденост нема, па се навикнавме! Три лица од сив голф застрелале куче коешто умрело, искрварило пред очите на потресени очевидци. Ова се фотографии од несреќното животно кое никому не претставувало никаква закана, жртва на која со куршум и пресудиле примитивци, силеџии, социопати кои се движат слободно меѓу нас, а се едни од многуте.

Случајот е пријавен во полиција. Инсистираме на сериозна истрага и максимална посветеност на овој случај од страна на Министерството за внатрешни работи, а знаејќи како кај нас стојат работите бараме директен ангажман на министерот Наќе Чулев, да се фатат и најстрого да се казнат лицата кои најсвирепо убија куче, ја загрозија безбедноста на жителите од реонот, сториле строго казниво кривично дело.

Доколку го третираме животот на кое било живо битие како безвреден, ни се заканува можноста и човечкиот да го третираме како таков. Не постои поголем приоритет од идентифицирање и казна на социопати кои хараат низ градот слободни, наоружани и стрелаат во жива мета поради забава. Не е наше да објаснуваме како таквите се опасност и закана за целото општество, буквално закана по сите.

По кој знае кој пат ја потенцираме неопходноста од полиција за животни во Македонија за превенција, евиденција и санкција на насилството врз животните, за што апелираме и официјално, до надлежните институции доставуваме барања со години наназад, нудејќи помош, конкретни предлог законски модели и применливи практики, но истите претставуваат силен интерес и се прифатени од политичарите – само и исклучиво пред избори, за после изборите да се заборават“, додаваат оттаму.

Слични содржини