Ариведерчи! Милан се разделува со капитенот Ромањоли

од Vladimir Zorba

Изненадувачки вести пристигнуваат од Италија. Имено, Милан реши да се раздели со Алесио Ромањоли. Стоперот, кој со своите игри и напори ја заслужи капитенската лента на великаните од „Сан Сиро“, пропушти клучен дел од неодамна завршената сезона поради повреда, па „росонерите“ се решени да покажат доверба во тандемот Симон Кјаер-Фикајо Томори по враќање во Лигата на шампионите, пренесе Калчомеркато.

„Благодарам и збогум“, така започнува написот на популарниот италијански портал.

Фудбалерот, кој пристигна во Милано летото 2015 година за 25.000.000 евра од Рома, ќе го напушти тимот на Стефан Пиоли една година пред истекот на неговиот договор. Директорите на клубот, Фредерик Масара и Паоло Малдини, засновани врз економски и технички аспекти, донесоа одлука да не ја продолжат соработката со италијанскиот репрезентативец.

Од 7 март, Ромањоли запиша само 107 минути во дресот на „росонерите“ (на натпреварите со Лацио и Беневенто), најмногу поради проблеми со повреди на мускулите. Во клучниот дел од сезоната, Пиоли се потпираше на тандемот Кјаер-Томори, додека поранешниот играч на Рома и Сампдорија беше трет избор на стоперските позиции.

Како што дознава „Калчомеркато“, Милан не му понудил на неговиот агент Мино Рајола да ја продолжи соработката, дури и под сегашните услови (3.500.000 евра). Така, раководството на клубот ова лето ќе слуша понуди за неговите услуги.

Постои можност Ромањоли да го заврши договорот до крај, така што летото 2022 година ќе го напушти клубот како слободен агент, но самиот фудбалер не би сакал да седи цела сезона. Тој сака да игра важна улога, дури и ако тоа значи напуштање на „Сан Сиро“. Поради сето горенаведено, се очекува во следните недели да се најде решение што ќе ги задоволи сите страни: се чини дека Рајола ќе мора да бара нова средина за неговиот клиент.

Слични содржини