„АстраЗенека“ мора да достави 50 милиони дози до ЕУ до крајот на септември

од Vladimir Zorba

Од компанијата „АстраЗенека“, која е тужена од ЕУ во белгиските судови поради доцнењето во испораката на вакцини, се бара да достави 50 милиони дози до Унијата до крајот на септември, помалку отколку што Унијата побара и може да се достави на подолг период.

Британско-шведската компанија ја поздрави одлуката, велејќи дека таа во голема мера ќе го исполни она што се бара од неа.

Во меѓувреме, ЕК изрази задоволство што судот потврди дека „АстраЗенека“ не ги почитувала своите договорни обврски.

Комисијата ја тужеше фармацевтската компанија на 26 април за непочитување на обврските од договорот потпишан кон крајот на август 2020 година.

„АстраЗенека“ вети дека ќе достави 300 милиони дози до Европската унија до крајот на јуни, но повеќепати не ги исполни своите обврски поради проблеми со производството.

Испорача само 30 милиони дози во првиот квартал, од 120 потребни, велат од ЕУ. Затоа Унијата побара останатите 90 милиони дози да и бидат доставени до крајот на јуни.

Сепак, судот на крајот пресуди дека „АстраЗенека“ мора да достави 50 милиони дози до 27 септември, во три транши: 15 милиони дози до 26 јули, 20 милиони до 23 август и 15 милиони до 27 септември.

„АстраЗенека“ е задоволна што судот пресуди дека мора да испорача вкупно само 80,2 милиони дози до 27 септември, а тие веќе испорачале повеќе од 70 милиони.

„АстраЗенека ја поздравува одлуката на судечкиот суд во Брисел. Комисијата побара 120 милиони дози кумулативно до крајот на јуни 2021 година и вкупно 300 милиони дози до 27 септември 2021 година. Судијата нареди вкупно 80,2 милиони дози до 27 септември. Компанијата досега испорача повеќе од 70 милиони дози и до крајот на јуни значително ќе ја надмине бројката од 80,2 милиони дози“, се вели во соопштението на „АстраЗенека“.

Но, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен рече дека пресудата на судот во петокот го поддржува ставот на ЕУ дека „АстраЗенека“ не ги исполнила своите договорни обврски. Судиите пресудија дека „АстраЗенека“ извршила „сериозно кршење“ на своите договорни обврски кон ЕУ.

„Оваа одлука ја потврдува позицијата на Комисијата. „АстраЗенека“ не ги исполнува своите обврски од договорот“, рече фон дер Лејен.

Судот заклучи дека „АстраЗенека“ не вложи максимални напори да ја достави договорената количина вакцина, вклучително и од лабораториите во Велика Британија, што беше експлицитно споменато во договорот и што доведе до значително одложување на испораката до Европската унија.

Судот не го прифати барањето на Европската комисија да има предност пред другите.

Слични содржини