Бајден: Нетанјаху прави грешка во Газа

од Симе Стоиков

Американскиот претседател Џо Бајден во синоќешното интервју изјави дека пристапот на премиерот Бенјамин Нетанјаху кон Газа е „грешка“ и го повика Израел на прекин на огнот, пишува Гардијан.

Коментарите на Бајден беа неговите најсилни критики досега кон Нетанјаху и Израел во услови на зголемени тензии поради големиот број цивилни жртви и нехуманите услови во Газа.

„Мислам дека тоа што го прави е грешка. Не се согласувам со неговиот пристап“, рече Бајден на прашањето за начинот на кој Нетанјаху се справува со војната.

Бајден повтори го потенцира минатонеделниот напад со израелско беспилотно летало во кој загинаа седуммина хуманитарни работници на американска добротворна организација во Газа, по што тој налутено му се јави на Нетанјаху.

„Она што јас го сакам е Израелците да повикаат на примирје, да овозможат во следните шест, осум недели пристап до храна, лекови и хуманитарна помош наменета за Газа“, рече Бајден.

„Нема оправдување за да не се обезбедат медицинските и прехранбените потреби на овие луѓе. Тоа треба да се направи сега“, додаде тој.

Забелешките на Бајден за прекинот на огнот означуваа отстапување од неговите претходни позиции, во кои тој рече дека одговорноста е на Хамас да се согласи на прекин на огнот и да ги ослободи заложниците.

Администрацијата на Бајден, исто така, го предупреди Израел за планираната инвазија на Рафах, бидејќи тоа ќе биде „фатална грешка“ што ќе предизвика повеќе смртни случаи и уништување во пренаселениот Појас Газа.

Слични содржини