Бесими: Македонската економија се враќа на патот и закрепнува од Ковид пандемијата

Министерот за финансии, Фатмир Бесими во денешното интервју дадено за МИА, меѓу останатите теми, зборуваше и за тоа каква е состојбата на македонската економија, во однос на ковид пандемијата и дали истата може да го издржи огромниот удар на кризата.

„Од почетокот на годината се забележуваат позитивни економски резултати и глобално и кај нас. Меѓунaродниот мoнeтарен фонд ја подобри проекција за глобалниот раст за 0,5 процентни поени во однос на јануари и очекува истиот да достигне шест отсто во 2021 година. И министрите за финансии и економија и гувернерите на централните банки во земјите во Г20 констатираа дека има подобрувања на резултатите во глобалната економија“, посочи Бесими и додаде:

„Позитивни движења имаме и кај нас во првото тримесечје од годината. Тоа најдобро може да се види преку приходната страна на буџетот во првиот квартал, каде имаме раст на приходите од 4,4 отсто во однос на истиот период лани, односно повисоки приходи и пред почетокот на ковид-кризата“.

Како што вели Бесими, во првите два месеци годинава, регистриран е номинален раст од 9,8% на годишно ниво, и оттаму продолжуваат позитивните движења во овој сегмент. Увозот на стоки вели, регистрираше номинален раст од 4,4 отсто, што придонесе трговскиот дефицит да се намали за 11 отсто. Се забележува и раст на кредитирањето со 4,4 отсто раст на вкупните кредити во февруари, со раст на кредитите на домаќинствата од 7,1 отсто и раст на кредитите кон претпријатијата од 1,4 отсто. Вкупниот депозитен потенцијал во февруари оствари годишен раст од 7,1 отсто.

„Согласно последните макроекономски и фискални движења и очекувањата во однос на меѓународното економско окружување, домашната економија е предвидено да се врати на патеката на економски раст и да ги надмине шоковите предизвикани од пандемијата. Така, се предвидува дека закрепнувањето на надворешната побарувачка, што силно влијае на нашиот извоз, како и растот на домашната потрошувачка, поддржан и преку антикризните економски мерки, да бидат двигатели на економскиот раст.

Неизвесност и предизвици секако постојат и тие се поврзани со новиот бран на здравствената криза, односно импактот кој ќе го има врз нашите трговски партнери и економската активност во одредени сектори“, посочи Бесими.

Слични содржини