Бесими: Вложувањето во човечки капитал е мудра инвестиција

од Stefanija Kuzmanovska

Повеќе анализи, студии на меѓународни организации го квантифицираат влијанието на политиките за унапредување на човечкиот капитал врз економскиот раст и стандардот на граѓаните, покажувајќи ја врската помеѓу стекнувањето на знаење и вештини и економските резултати. Така на пример, анализите на политиките за унапредување на човечкиот капитал на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) кај земјите членки, покажуваат дека посетата на предучилишно образование може да го зголеми БДП по глава на жител до 5,5%, зголемувањето на соодносот наставник – ученик би придонело за раст на БДП по глава на жител до 3,3%, додека автономијата на универзитетите и училиштата може да повлече зголемување на БДП по глава на жител до 3%, наведува во својата колумна министерот за финансии Фатмир Бесими.

Други истражувања, продолжува Бесими, покажале дека една дополнителна година школување ја зголемува заработувачката за 9% на годишно ниво и ваквата стапка на раст останува стабилна понатаму во животот. Инаку, овие проценти се уште повисоки за земјите во развој, дополнително повисоки кај жените.

„Одржливоста и инклузивноста на развојот зависи од распределбата на човечкиот капитал помеѓу населението. На пример, доколку само неколкумина ги имаат потребните вештини да користат нови технологии, економијата како целина може да се соочи со ограничувања за поттикнување на растот преку усвојување на овие технологии. Грижата за правичноста и вклученоста за распределбата на човечкиот капитал помеѓу населението не е само прашање на етика, туку и најсоодветен економски избор“, истакнува министерот.

Вложувањето во човечки капитал, според Бесими, е меѓу најмудрите инвестиции за подигање на економската и социјалната благосостојба на граѓаните.

„Сепак, мора да се нагласи дека градењето на квалитетен човечки капитал е процес за кој се потребни подолго време и ресурси, но за возврат овој процес води кон резултати со поголем приход и обем“, додава министерот за финансии.

Слични содржини