Биро за застапување на РСМ пред ЕСЧП: Не е точно дека Судот за човекови права во Стразбур одлучил дека аболицијата на Иванов важи

од Aleksandar Petrovski

Не е точна информацијата пренесена во медиумите дека Судот за човекови права во Стразбур одлучил дека аболицијата на тогашниот претседател Ѓорѓи Иванов, од април 2016 година, со која од прогон се аболицирани 54 лица – важи, не е, и не може да биде повлечена или укината. Ваква одлука од страна на ЕСЧП не е донесена,ниту доставена до институциите на Република Северна Македонија, наведува во соопштение Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права.

Eвропскиот суд за човекови права (ЕСЧП) на 25.09.2020 година, на одговор до Владата на Република Северна Македонија достави две групи апликации кои се поднесени против државата пред овој меѓународен суд, а во кои се проблематизираат тековни или завршени постапки од аспект на аболициите на поранешниот претседател на државата Иванов.

Како што информира Биро за застапување на Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права, станува збор за стандардна постапка која поднеднакво важи и за останатите држави членки на Советот на Европа и за стандардна постапка на доставување апликации на одговор до државата.

-За Владата на Република Северна Македонија, постапка по поднесена апликација пред ЕСЧП започнува кога апликацијата поднесена до ЕСЧП, по прелиминарна оценка на нејзината допуштеност, ЕСЧП ќе одлучи да ја достави на одговор до државата. Во врска со апликациите кои се во фокус на актуелниот интерес на јавноста и информацијата која се објави во дел од медиумите, државата се наоѓа токму во оваа фаза кога предметните апликации се доставени на одговор до државата, велат од Бирото.

Притоа, додаваат информацијата дека „Судот за човекови права во Старзбур одлучил дека аболицијата на тогашниот претседател Ѓорѓи Иванов, од април 2016 година, со која од прогон се аболицирани 54 лица – важи, не е и не може да биде повлечена или укината. Со тоа, најголем дел од предметите кои сега се во фаза на судење по обвинение од СЈО паѓаат во вода, мора да се запрат, а обвинетите или осудените да бидат ослободени од прогон или казна. Судот во Стразбур за својот став ја известил и македонската влада уште на 14 Септември, и решил одлуката да се спроведе во две фази….“ не е точна, ниту вистинита, зошто таква одлука од страна на ЕСЧП не е донесена ниту доставена до институциите на Република Северна Македонија. Оттука не може да стане збор ниту за евентуално „спогодбено спроведување на одлуката на Стразбур”.

-За постапките ЕСЧП на својата интернет страница, веќе објави податоци во однос на лицата кои поднеле апликации, нивните наводи за повреда на ЕКЧП, како и во однос на прашањата кои се упатени до страните во постапката (види на http://hudoc.echr.coe.int/eng?i=001-205137 и http://hudoc.echr.coe.int/eng?i=001-205253 ). Текот на постапките по предметните постапки пред ЕСЧП, како впрочем и на сите останати постапки пред ЕСЧП, може исто така да се провери и следи преку алатката достапна на интернет страницата на ЕСЧП преку внесување на бројот на апликацијата (: http://app.echr.coe.int/SOP/index.aspx?lg=mkd ), велат од Бирото и додаваат дека препорачуваат следење на објавите на интернет страницата на ЕСЧП или за повеќе детали во врска со постапките пред ЕСЧП, комуникација со прес службата на ЕСЧП.

Слични содржини