Битиќи не гледа потреба од средба во четири очи со Мицкоски: „Вратите се отворени за Економскиот совет во среда“

од Nikola Popovski

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи му порача на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека нема потреба од разговор зад затворени врати околу енергетската и економската криза во земјава.

-Нема потреба од разговор во 4 очи, зад затворени врати. Комплексноста на оваа криза од нас бара да се кренеме над себе, бидејќи солидарност, одговорност и колективна мудрост е она што ќе не изнесе низ неа, објави Битиќи.

Тој го повика Мицкоски да дојде во среда на закажаниот Економски совет во широк формат.

-Вратите се отворени, решенијата секогаш се наоѓаат на маса на која сите седиме заедно. За жал опозицијата таа шанса за покажување на дело грижа и совесност не ги покажа, напротив не се одважи да дојде па започна со блокада, па активна блокада на Собранието. Граѓаните знаат дека јавно веќе скоро три години ги повикувам на соработка и одговорност, со цел справување со кризата, сподели Битиќи на социјалните мрежи.

Претходно Мицкоски го покани вицепремиерот на средба во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, која би се одржала утре на пладне.

-Сакам вистински да се помогне, затоа што работите се пресериозни и поважни од суетата на било кој член на владата. Во услови кога Димитар Ковечевски дезертира, бега од средба и ТВ дуел со мене, го поканувам заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања Битиќи на состанок во недела (2/октомври/2022) во 12 часот во Седиштето на ВМРО- ДПМНЕ, каде детално ќе го објаснам планот и концептот кои ќе значат закрепнување на економијата и помош на бизнисот. Бидете поголеми од вашите суети и одважете се кога тоа е потребно за Македонија, порача Мицкоски.

Слични содржини