Брисел го предупредува Лондон: Игрите со „Брегзит“ мора да престанат

од Vladimir Zorba

ЕУ е загрижена за незадоволителната состојба во преговорите за „Брегзит“ и бара целосно и навремено спроведување на договореното за развод, соопшти Советот на ЕУ.

Европските министри за општи работи на состанокот во Брисел го истакнаа единството и јасната поддршка на ЕУ кон преговарачот Мишел Барние во неговите напори да се постигне уредно излегување на Велика Британија од ЕУ.

Советот на ЕУ изрази загриженост за незадоволителната состојба во преговорите за Брегзит и повика на целосно и навремено спроведување на договореното.

„Предлозите на Лондон кои го доведуваат во прашање Договорот за развод се неприфатливи. Ја повикуваме Велика Британија да се врати на преговарачката маса врз основа на Политичката декларација, која беше заеднички договорена и усвоена“, рече претседателот на Советот на ЕУ, германскиот државен секретар Мајкл Рот.

Во Брисел тие ја потенцираат желбата да се воспостават „најдобри можни односи во иднина“ со Велика Британија, но исто така додаваат дека „игрите мора да престанат“ и дека сите треба да се вратат на сериозни разговори.

„Ние сакаме целосно и навремено спроведување на договорот. Ништо повеќе и ништо помалку од тоа“, вели потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчовиќ.

Слични содржини