Бугарија меѓу темите во изборната кампања: „Пендаровски добро знае дека уште од 1995 сменет е членот од Уставот каде што Р. Македонија повеќе не се грижи за своите национални малцинства“

од Nikola Popovski

После подолго време без изјави за македонско-бугарскиот спор и нерешливите прашања, изборната кампања во земјава повторно го стави фокусот на односот со соседна Бугарија. Ова пред се се должи на изјавата на претседателот и актуелен кандидат за втор мандат, Стево Пендаровски, кој пред неколку дена изјави дека постоењето на Македонците кај нашиот источен сосед е факт, дека со децении трпеле тортура и дека треба да бидат признаени. На ова се огласија од Софија и ја повикаа на разговор македонската амбасадорка, а реагираше и бугарскиот претседател Румен Радев. Тој го нарече однесувањето на Пендаровски како антиевропско и дека со тие изјави Македонија се оддалечува од ЕУ. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ почна со обвинувањата кон претседателот дека „според него Гоце Делчев се декларирал како Бугарин“. Велат дека неговата изјава експресно се проширила во Софија, особено во негаторските кругови и истата беше користена како аргумент.

Според ваквиот наратив, се чини дека не очекува жестока изборна кампања во земјава и докажување кој е поголем „анти-Бугарин“. За дел од експертите, актуелниот шеф на државата имаше доволно време во досегашниот мандат „да го поправи пропуштеното“. Извршниот директор на Евротинк, Димитар Николовски оценува дека Пендаровски се обидува да ѝм парира на, условно речено, патриотскиот дел од неговите противкандидати од кои се очекува да имаат пожестока реторика во однос на прашањето на односите со Бугарија.

Димитар Николовски

-Оттаму и неговата изјава во врска со македонското малцинство. Сепак, тоа е тема за човекови права и спаѓа во доменот на либералната струја која ја застапува, иако се чини дека тоа е невозможна мисија, барем до евентуалниот влез на Македонија во ЕУ, вели Николовски во разговор за „Локално“.

Истакнува дека на Пендаровски не му е првпат да дава вакви изјави во врска со македонското малцинство, додавајќи дека тоа „не е јавање на бранот на патриотизмот, туку либерално мешање во патриотските наративи“.

Николовски во кампањата очекува кандидатите како Билјана Ванковска, Гордана Силјановска – Давкова, Стевче Јакимовски и Максим Димитриевски повремено да го користат бугарското прашање за да ги претстават СДСМ и ДУИ како политички опции кои се однесуваат предавнички кон интересите на етничките Македонци.

-Бугарија е доста дистанцирана во периодов што се однесува до односите со нас, потенцира соговорникот.

На долг рок, додава тој, и секако зависно од успехот на гореспоменатите кандидати, засилената реторика од наша страна може да придонесе до комплицирање на односите.

-Сепак, не смееме да се водиме според изјавите на Радев, кој е докажан руски играч и кој ја злоупотребува европската приказна за свои националистички цели, заклучува Николовски.

Според поранешниот градоначалник и екс-македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев, она што претседателот пропушти да го стопира во својот мандат, во целиот процес на преговори со Бугарија, во однос на Историската комисија и уставните измени, „сега прави обид да покрие со наводна загриженост за македонското малцинство во Бугарија“. За Ѓорчев, Пендаровски добро знае дека уште од 1995 година, сменет е членот 49 од Уставот, каде што Р. Македонија повеќе не се грижи за своите национални малцинства, туку прифаќа дека македонската нација е само она што е на територија на државата.

Марјан Ѓорчев

-Ова е евтин маргетиншки потег, но многу бизарен и навистина не може да наиде на поддршка. Пендаровски имаше шанси да се спротивстави на уставните измени дека не се во ред, како и на францускиот предлог… Претседателот знае дека борбата за македонското малцинство во Бугарија оди во друга патека, а таа треба да биде правата на Македонците според член 36 во бугарскиот Устав и колективното организирање на Македонците, како ОМО Илинден и нивното регистрирани во тамошните судови, истакна Ѓорчев во разгвор за „Локално“.

Кај македонските граѓани, наведува бившиот амбасадор, повредата на националната гордост не е политичка категорија.

-Токму во мандатот на Пендаровски се случија страшни повреди на македонското достоинство и затоа тој ќе се обиде тоа да го поправи. Мислам дека не би требало тоа да биде главна тема на дебатата за претседател. Шефот на државата има свои внатрешни обврски, во делот на правосудните органи, Уставен суд, Судски совет, чии реформи треба да допринесат Македонија да си ја донесе Европа дома, оти тој е вистинскиот пат. После тоа лесно ќе преговараме со Европа за да исполниме голем број поглавја кои што се во шестте кластери. Пендаровски ја имаше во рака борбата со Бугарија и ја испушти шансата за да докаже колкав Македонец е, оценува Ѓорчев.

За соговорникот, нормално е тоа што Радев има своја агенда бидејќи е генерал и со соодветни учења.

-Нашата европска агенда никој не може да ја уназади, освен ние самите оти се зависи од нас. Имаме големи успеси во преговорите со ЕУ, имаме европско партнерство кое е добро оценето со 15 препораки, иако бевме позрели уште во 2011,2012 од Црна Гора и Србија за да започнеме преговори со ЕУ. Ние сами можеме да се уназадиме. Наше право е да се бориме за Македонците низ светот, но не со флоскули, туку со точно прецизно знаење. Со Бугарија можете да инсистирате на секоја седница на Советот на Европа, да го поставите прашањето што прави Европа со пресудите од Судот за човекови права во Стразбур. И ние сме членка таму и претседателот може да иницира огромна битка за тема и Бугарија конечно да биде ставена пред свршен чин за одлуките за македонското малцинство. Како земја членка на Советот на Европа може да трпи санкции и оттаму претседателот ја има таа вистинска битка, вели Ѓорчев за улогата која треба да ја претседателот на државата.

Н.П.

Слични содржини