Бугарското ВМРО ќе организира протест во Благоевград на денот на отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“

од Nikola Popovski

Бугарската партија ВМРО-БНД ќе организира протест против отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград.

-Ние во ВМРО категорично се противиме на создавање центар на антибугаризам кај нас, како и на обидите за промовирање на сепаратизмот на територијата на Бугарија. Употребата на името на Никола Јонков Вапцаров и наметнувањето странски национален идентитет е апсолутно неприфатливо и е дефинитивна провокација кон бугарската држава и бугарските граѓани. Уставот на Република Бугарија експлицитно вели дека нашата земја е еднонационална. Разбираме дека последнава година и пол владеењето на правото се чита како ѓаволско евангелие од т.н. претставници на „промена“, но ова е веќе премногу, стои во повикот на партијата, чиј протест е закажан токму на денот на отворањето на македонскиот клуб, 30-ти октомври.

Партијата на контроверзниот бугарски европратеник Ангел Џамбаски ги повикува членовите и симпатизери да им се придружат в недела во Благоевград.

-Ќе ја развееме бугарската тробојка против антибугаризмот, омразата и кражбата на историјата, кои владеат во Северна Македонија со децении. ВМРО нема да дозволи срцето на Пиринска Македонија да стане поле на омраза искористено за грди политички цели., се вели меѓу другото во соопштението на партијата и се додава дека „секој вистински Бугарин мора да биде да дојде на споменикот на Георги Николов Делчев в недела“.

На отворањето на клубот во Благоевград е најавено присуство на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како и делегација на Левица.

Меѓу поканетите на отворањето на клубот е и новоименуваната амбасадорка на РСМ во Софија, Агнеса Руси Поповска.

Претходно премиерот Димитар Ковачевски најави дека нема да присуствува во Благоевград, но порача дека Владата ќе ги испрати официјалните документи до нивните бугарски колеги за македонскиот културен центар.

Во поканата од здружението ОМО Илинден-Пирин стои дека клубот има за цел да ја развива македонската традиционална и модерна култура, да гради културен мост меѓу Бугарија и Македонија, и да ги зајакне врските меѓу Македонците во Бугарија и Македонците ширум светот.

Македонските здруженија во Бугарија веќе имаат добиено над 10 пресуди од Судот за човекови права во Стразбур, но властите во Софија не ги почитуваат.

Слични содржини