Бугарското ВМРО бара реакција од Софија откако Пендаровски изјави дека македонското малцинство во Бугарија било малтретирано со децении

од Nikola Popovski

Бугарската држава мора веднаш да реагира на непромислените изјави на македонскиот претседател Стево Пендаровски, бараат од бугарската партија ВМРО-БНД, откако шефот на македонската држава пред два дена изјави дека „македонското малцинство во Бугарија било малтретирано со години“.

Од бугарската партија бараат бугарското МНР итно да ја повика македонската амбасадорка во Софија да даде објаснување за изјавата.

-Она што го кажа македонскиот претседател е отворен јазик на омраза со цел да се оцрни Бугарија. Не е можно еден македонски политичар да дава вакви изјави за предизборни партиски цели. Згора на тоа, на г. Пендаровски треба да му биде совршено јасно дека Бугарија е еднонационална држава и дека нема национални малцинства. Преку овие зборови тој директно го оспорува Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан на 1 август 2017 година меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, велат од партијата на европратеникот Ангел Џамбаски.

Во соопштението се додава дека токму Џамбаски вчера испратил официјално писмо до новата бугарска премиерка и тамошна министерка за надворешни работи, Марија Габриел со барање за објаснување од македонската амбасадорка Агнеса Руси Поповска во Бугарија.

-ВМРО инсистира Габриел да ги користи сите потребни алатки, според меѓународното право, за да даде категоричен отфрлање на ваквите лажни изјави кои ја оцрнуваат Бугарија, стои во пораката на партијата.

Пендаровски во гостување на дебатна емисија, ја појасни својата претходна изјава дека доколку ВМРО-ДПМНЕ успее да ја натера Бугарија да го промени Уставот за во него да го вклучи македонското малцинство во државата, тој ќе стане член на ВМРО-ДПМНЕ.

-Ми пречи кога некој ги лаже луѓето со години. Излегува дека „тие се неспособни, а ние не само што ќе ја смениме рамката за преговори, туку ќе ги вклучиме и Македонците во бугарскиот Устав“. Зошто утре, ајде денес да ги впишеме Македонците во бугарскиот Устав – нашето малцинство кое е малтретирано со децении, најмалку 70-80 години, поминало низ страшни маки и голгота, но кажете ми каков е тој магичен начин? Како ќе ги внесете во Уставот? Преку владата? Во бугарската влада денес клучен фактор е Бојко Борисов кој го потпиша Договорот за пријателство и добрососедство во 2017 година. И сега овој човек треба да каже дека овој договор не постои, ајде да направиме нов подобар за Македонците? Не верувам во тоа. И морав на ВМРО-ДПМНЕ на таков пародичен начин да им кажам дека не лажат, гледајќи не во очи. За да ги вклучиме Македонците во бугарскиот устав мора да се смени целосно затоа што во него нема малцинства. Не мислам дека светските сили можат да го сменат бугарскиот Устав како што мисли опозициската партија, која смета дека е фактор број еден во светот, рече Пендаровски.

Слични содржини