Чадиковски пред утрешниот марш: Новинарите никој не смее да ги потценува, тоа е навреда за граѓаните

од Nikola Popovski

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) најавија дека в петок ќе одржат протестен марш за одбрана на новинарското достоинство. Маршот, како што е најавено, ќе започне од пред зградата на Владата и ќе заврши до Собранието. Од таму велат дека имаат неколку барања, но пред се ова се организира за да се изрази незадоволство од нападите врз новинарите, како и поради навредите и понижувањата од политичарите.

Претседателот на ЗНМ и уредник во ТВ 24, Младен Чадиковски во разговор за „Локаллно“ порачува дека утрешниот протестен марш на новинарите ќе биде израз на незадоволство од состојбите во медумската сфера, поради повеќе нешта, кои подолго време се генерираат и нaнесуваат штета на професијата.

На прашањето дали има сличности или разлики помеѓу времето од пред десетина години какви беа состојбите во новинарство до сега, Чадиковски е дециден работите не се исти.

-Тогаш живеевме и работевме во исклучително лоши услови и од аспект на слободата на говорот, имавме и новинари во затвор. Тоа сега, можеби не е случај, но работите тапкаат во место, законите важни за медиумите не се спорведуваат, јавните функционери и денес знаат да имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите, агресивниот државен Пи/ар ја зема работата на новинарите, локалните и регионални медиуми работат на раб на издржување, безбедноста на новинарите не е на ниво на кое би сакале да биде. Сето тоа, не мотивира да го организираме овој протестен марш, со цел да упатиме порака дека бараме почит кон новинарската професија и промени на подобро, вели Чадиковски.

Новинарот очекува голема поддршка од медиумската фела.

-Мислам дека денес се наоѓаме на точка кога новинарите никогаш не биле пообединети. Особено на овие прашања кои веќе ги наведов. Разлики секогаш имало и ќе има, тоа е нормално и добредојдено, но важно е како фела да покажеме капацитет дека и покрај разликите, солидарно треба да делуваме заедно за да ги менуваме работите, истакнува Чадиковски.

Вели дека очекува поддршка, затоа што тоа не е поддршка за ЗНМ, за ССНМ, туку поддршка за сите новинари и сниматели и останати медиумски работници.

-Ова е заедничка акција на новинарите од многу редакции. Јубилејот 77 години од денот на основањето на ЗНМ е добар повод симболично да покажеме заедништво, порачува Чадиковски.

За реакцијата на Владата, претседателот на ЗНМ очекува дека пораките ќе бидат примени и сфатени.

-Немаме намера никого да подучуваме, но мора да се сфати дека со новинарите и со новинарството никој не смее да си игра и никој не смее да ги потценува, затоа што на крајот тоа е навреда за граѓаните и јавноста која ние ја претставуваме, категоричен е Чадиковски.

Н.П.

Слични содржини