Членовите на „Лев Техор“ се сместени во охридско село

од Nikola Popovski

После Куманово и Скопје, членовите на еврејската религиозна група „Лев Тахор“ се сместени во хотел во охридското село Горно Лакочереј. Тие синоќа со автобус биле донесени во полициска придружба.

Групата од 37 лица од кои половина се малолетни деца во земјавава пристигнаа на 5 февруари во Куманово и од тогаш наиде на голем број проблеми и предрасуди поради нивниот изглед. Најпрвин беше фрлано со јајца по нивната куќа и беше откорната влезната врата, по што беа приморани да најдат нов смештај каде што ќе можат да живеат.

Полицијата ги донесе во Скопје, каде што беа сместени исто така во хотел на непозната локација.

– Лицата за кои прашувате го напуштија Куманово и во моментов се во Скопје. Потсетуваме дека овие лица ги почитуваат законите на Република Северна Македонија, се целосно со легален престој тука, и привремено престојуваат во нашата држава. Наведената група не претставува никаква опасност и апелираме на толеранција и солидарност кон истите, соопштија тогаш од МВР.

Еден од членовите на групата се пожали дека полицијата ги држи како приведени лица, а тие всушност не се приведени.

-Не чуваат како во гето. Одлуките ги носат полицајците. Добиваме секакви прашања и на улица можеме да излеземе само кога е неопходно. Ако мора да излеземе, тогаш може само жените, а не и мажите. Секој пат треба да пријавиме каде излегуваме и за која причина, каде ќе одиме, мора да се пријави и број на пасош. Не смееме да се среќаваме со надворешни лица, особено не со медиуми или да ги примаме во наша близина. Треба само да седиме во хотел и во ресторанскиот дел.

Според сведоштвото, многу луѓе не сакаат да им издадат куќа во која ќе отседат поради притисоците на полицијата.

Групата во последните месеци мигрирала од една во друга земја, најмногу во источна Европа, а пред Македонија, биле депортирани од БиХ.

Слични содржини