Д-р Пановски: Кај нас се се пишува дека умрело од Ковид, посмртното тестирање воопшто не е потребно

од Берта Китинска

Бројките не се добри. Ни најголемите песимисти не ги очекуваа. Треба на населението да му се објасни евентуалната стратегија, истакна професор д-р Никола Пановски во емисијата „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

-Големиот број на случаи е една од причините на големата смртност. Друго е и дека доцна се јавуваат, а трето е дека инфективните одделенија и не биле доволно развиени во државава. Нелогичноста е и главен центар да биде 8 септември кој има тројца инфектолози во однос на 26 во Клиника. Тоа се дел од причините, изјави еден од врвните микробиолози во земјава, професор д-р Никола Пановски.

Ние со години ги имаме интра-хоспиталните инфекции кои со години ги криеме, вели Пановски, имаме голем процент на бактериски пневмонии кои се добиваат под вентилација.

-Трета работа е што Македонија, а и балканските земји има многу отпорни бактерии во однос на другите земји – причина е што повеќе се даваат антибиотици и затоа се порезистентни. И на крај кај нас се се пишува дека умрело од КОВИД. Тоа посмртно тестирање воопшто не е потребно. Ако ја исклучиме Србија која крие резултати и веројатно процентот на бројката е слично како кај нас, сметам дека е време за анализа и да се престане со тоа дека ние сме најдобри и одлично се справуваме. Анализа е потребна за да се знае што понатаму, да се признае што било добро, кои биле грешките. Имаме многу неискористен кадар во земјата кој што новата Влада ќе мора да го искористи. Да го земеме Медицинскиот факултет како институција, ние имаме десетина епидемиолози кои можат да прават анализи зошто се ова се случува, како се шири, како да се заштитиме итн. На мојот институт има 13 доктори на науки кои не се вклучени во ниакква лабораториска активност и дијагноза. Да не зборам за инфектолози, биохемичари, имунолози, патолози кои сега се слободни и можат да работат, вели проф. д-р Пановски.

Очекувам дека е крајно време да се направи план, сценарио и да му се каже на народот што го очекува ако продолжи да не ги почитува мерките, вели тој, бидејќи доаѓа период кога сите луѓе што се по плажите, по планините и парковите сакале не сакале ќе мора да се соберат во затворено.

Слични содржини