Дали Србија може да си дозволи да го напушти Советот на Европа: „Преговорите за членство во ЕУ би биле прекинати, а корист би имала само Русија““

од Nikola Popovski

Србија излегува од Советот на Европа? Претседателот Александар Вучиќ ова го најави како можна реакција на неговата земја доколку Косово биде прифатено во организацијата. Советот на Европа потврди дека во среда, на 27 март, на седницата на Комисијата за политика и демократија на Парламентарното собрание ќе се најде извештајот за Косово, кое аплицираше за членство пред неполни две години. На пораката од Брисел дека Белград блефира кога вели за напуштање на СЕ, претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ тврди дека не е блеф, туку не се согласуваат со „лицемерието и шарадата“. Дали со ова се доведува во прашање европскиот пат на Србија?

Српската јавност гледа со неверување на ваквиот развој на настаните и смета дека Србија би претрпела штета доколу излезе од Советот на Европа. -Ако се потсетиме дека Приштина се уште е под санкции на ЕУ поради непреземање мерки за смирување на ситуацијата на северот на Косово и Метохија, тогаш не е логично под санкции да им се даде и визна либерализација, членство во Советот на Европа или место на Парламентарното собрание на НАТО, вели Никола Луниќ, извршен директор на Советот за стратешки политики. Во разговор за „Локално“ појаснува дека посредувањето во преговарачкиот процес за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина треба да се води непристрасно, со намера да се исполнат сите потпишани обврски, но, дециден е дека Заедницата на српски општини и понатаму е обврска на Приштина, која не ја реализира ниту по 11 години.

Никола Луниќ

-Советот на Европа е една од најважните меѓународни институции посветена на заштитата на основните права и слободи на поединците, владеењето на правото и демократијата. Во Европа само Белорусија не е членка, додека Русија е суспендирана поради нејзината агресија врз Украина. Со оглед на тоа што Србија уставно се заснова на европските принципи и вредности, а својот национален интерес го дефинирала преку интеграција во ЕУ, членството во Советот на Европа е од витално значење. Хипотетичкото исклучување на Србија би имало економски, правни и политички последици и многу повеќе би ги погодило сите граѓани отколку владината структура. Нема дилема дека преговорите за членство на Србија би биле прекинати, што укажува дека од тоа би имала корист само една земја – Руската Федерација, оценува Луниќ.

Иако Западот сакаше Косово да биде единствен случај, потенцира соговорникот, со кршење на Вестфалските постулати за суверенитет во современите меѓународни односи, беше направен преседан кој веќе се користи како оправдување за сите конфликти во светот или намерите за промена на границите. Според Луниќ, единствениот начин да се надмине ова е да се затвори Пандорината кутија со взаемна согласност и на Белград и на Приштина.

-Едностраниот пристап во фаворизирање на едната страна ќе генерира незавршена историја и ќе биде теоретски аргумент за секој воен конфликт во светот. Токму поради оваа причина, нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина ги надминува одредените интереси во регионот и му наметнува крајна обврска на Западот доколку сака да инвестира во долгорочната стабилност на Западен Балкан, објаснува извршниот директор на Советот за стратешки политики со седиште во Белград.

Околу тоа дали може да се очекува деескалација на ситуацијата на Косово по последните актуелности, Луниќ истакнува дека светот е во геополитичка хистерија, а Европа дефинитивно го напушти повоениот период и сега е во предвоена состојба.

-Многу европски лидери ги предупредија своите граѓани да се подготват за војна. Во таква ситуација, би било погрешно да се игнорира таквата ситуација и да се замижуваат пред актуелните безбедносни закани. Сепак, пред да се вооружи, Србија треба да ја преиспита својата неодржлива воена неутралност и да ги усогласи своите стратешки и доктринарни документи со виталните интереси. Крајно време е надворешната и безбедносната политика целосно да се усогласи со ОБСП на ЕУ и со тоа да покаже посветеност на партнерство и потенцијален сојуз.

Од друга страна, ниту една земја во регионот на Западен Балкан нема потенцијал за воен конфликт. Со оглед на брзиот технолошки развој кој генерира софистицирани безбедносни закани, ниту една земја не може самостојно да одговори на нив и да ја обезбеди националната и личната безбедност на своите граѓани. Затоа, целиот регион е насочен кон колективен безбедносен систем каде што ќе треба да ги координираат и интегрираат одбранбените потенцијали, а не да се спротивставуваат. Па дури и ако таквата пресметка беше само виртуелна со прагматичната популистичка цел за подигање на рејтингот на домашната политичка сцена, заклучува Луниќ.

Сличен став има и српскиот политички аналитичар Жељко Ињац. Смета дека официјален Белград само би претрпел штета од напуштање на Советот на Европа, но секако не може да влијае на тоа дали Косово ќе биде прифатено или не.

Жељко Ињац

-Приемот на Косово во членството на Парламентарното собрание на НАТО е само знак дека НАТО, иако има една од најголемите бази во Европа, сè уште не го гледа Косово како целосна држава, инаку одамна ќе беше примено. Западот со овој потег им дава до знаење на Србите дека она што е земено со оружје не се враќа на преговарачка маса. Тоа што го земаат со оружје им е свето и за тоа не се преговара, вели Ињац во разговор за „Локално“.

Според него, иако Советот на Европа нема големо влијание врз политиката на Србија и регионот, посочува дека ова е мала победа за Косово.

-Зрно по зрно, погача. Ова е логиката на Албанците во Косово и тоа го прават вредно и доследно на сите фронтови. За тоа треба да им се оддаде признание. Од друга страна, Косово е силно поддржано од Западот. Народот во Србија е свесен за тоа и Вучиќ не требаше премногу да се грижи за својот рејтинг. Сепак, народот на Србија очекува и Србија да постигне нешто во дипломатската и политичката борба за Косово, наведува аналитичарот.

Ињац тврди дека Западот генерално на сите народи на Балканот гледа „како на Индијци“ и дека политиката што тие однапред ја поставиле, очекуваат на овој или оној начин да се спроведе.

-Воведувањето санкции на Косово е удар за едно индиско племе, што не значи дека друго племе (т.е. Србите) ќе има корист од тоа. Западот, значи, не воведува санкции кон Косово за да ја награди Србија, туку за да доведе до ред едно племе на Индијанци. Дијалогот ќе продолжи да се развива под диригентската палка на Брисел и на штета на Србија, оценува соговорникот.

Потенцира дека нема да има ескалација на ситуацијата на Косово.

-Курти доби неколку опомени од Западот, јасно му е дека е заменлив и дека тоа лесно може да му се случи. Никој не сака да ја изгуби власта откако ќе ја добие. Така тој ќе продолжи да биде многу кооперативен и послушен на Западот. Вучиќ зборува за „предизвикувачките времиња“ откако е на чело на Србија. Тоа не значи дека светот не се соочува со сериозни предизвици и дека наскоро не чека Третата светска војна. Но, што ни помага вооружувањето на на нас „Индијанците“ во тој случај. За сите нас на Балканот најдобро би било да се обидеме да излеземе од потенцијален иден глобален судир на големите сили затоа што ниту сме многу, ниту битно би влијаеле на текот на таква војна, а прашање е дали би преживеале таква апокалипса. Ќе бидеме само мета на поткусурување и топовско месо. Секој од балканските народи што мисли дека може да профитира во апокалипсата е проста будала, категоричен е Ињац.

Н.П.

Слични содржини