Даскаловски: Руско-украинската војна има индиректна последица врз безбедноста на државата

од Destan Jonuzi

Руско-украинската војна нема директна, туку индиректна последица врз безбедноста на Македонија, смета Жидас Даскаловски – професор на Факултет за Безбедност при Универзитет „Св. Климент Охридски“.

– Директна безбедност на Македонија не е загрозена од руско-украинската војна, меѓутоа ние како држава сме дел од колективниот безбедносен систем на НАТО, така што секоја ескалација на конфликтот и учество на НАТО трупите во било какви мировни мисии, логистички мисии може да извлече и учество на Македонски војници и друг персонал во таа одисеа. Исто така, безбедноста ако се фати малку пошироко, и она на енергенсите ние сме во голем проблем заради оваа руско-украинска војна. Ние ги почитуваме санкциите на Европската Унија, ние сме земја кандидат за членство, и на тој начин сме дефакто во една состојба каде што ги губиме доставките на руски енергенски, изјави Даскаловски за „Локално“.

Тој објаснува дека руските енергенски, според она што е познато, се 100 процентно користени за затопловување на домовите, домаќинствата во Скопје. Па така, додава тој, големо е прашањето како тие ќе се надокнадат.

– Во таа енергетска безбедност имаме компании кои што носат нафтени деривати и ги продаваат на пазарот во земјата, така што во тој поглед сме навистина загрозени. Понатаму, загрозени сме и заради едноставно разложувањето на економскиот систем и нашата економија која е базирана на трговија и извоз. Економијата на Македонија зависи од извозот во Германија, а Германија е една од најпогодените земји со криза од руско-украинската војна, потенцираше Даскаловски.

Д.Ј.

Слични содржини