Димитриевски: Ме обвинуваат дека сум склучил пакт со злото, а јас имам само една коалиција

од Nikola Popovski

Срамни се обвинувањата на СДСМ Куманово кои се однесуваат на мојата кандидатура за градоначалник на претстојните локални избори, каде велат дека сум склучил пакт со злото, изјави независниот кандидат за градоначалник за општина Куманово, Максим Димитриевски.

Тој посочи дека како независен кандидат за градоначалник побарал поддршка од сите граѓани и од сите политички партии во нашата земја.

– Очекувам поддршка деновиве да ми даде и мојата политичка партија СДСМ, членовите и симпатизерите од ДОМ, ЛДП, Коалиција на Албанците и Алтернатива, како и сите останати политички субјекти од македонскиот и албанскиот блок. Јас имам само една коалиција, а тоа е коалицијата со граѓаните! Тие на 17-ти октомври се изјаснија кој заслужува да ја добие довербата во Куманово. Изминативе денови сме сведоци на невидени притисоци, злоупотреби, обиди за поткуп и дискредитација на членови од нашата граѓанска иницијатива „За наше Куманово“! Ова е недозволиво, вели Димитриевски.

СДСМ Куманово излегоа со соопштение откако актуелниот градоначалник Максим Димитриевски беше јавно поддржан од ВМРО-ДПМНЕ за вториот изборен круг. Според нив, Димитриевски доби ново име – “јас ќе бидам тој кој ќе го врати режимот во Куманово”.

-Дали господине Димитриевски чувствувате гадење што си подадовте рака вие и оние кои за малку не ве убија вас, Зијадин Села и Зоран Заев во Собранието? Дали заборавивте на тој 27 април, а ако не сте заборавиле, дали вашиот договор значи дека и вие барате амнестија за осудените на 27 април, дали заедно со советничката од ВМРО-ДПМНЕ Елена Божиновска Доцевска сега заедно ќе правите нереди и ќе организирате насилства? Дали ќе ги влечете Ромите за уши заедно со вашите нови пријатели? Дали и вие Димитриевски ќе се претворите во Ќосето и ќе сечете глави, на социјалдемократите, на албанците? Димитриевски, кој е вашиот газда сега, Мицковски и Груевски? Дали Будимпешта ви ја спонзорираше најскапата кампања во изборната историја на државата?, прашуваат од СДСМ Куманово.

Од таму додаваат дека, „поради тоа што СДСМ го одби Димитриевски да биде министер за одбрана, тогаш по нечии инструкции почнал да си ги премачкува партиските бои“.

-Од позиција на Градоначалник кој треба да ги подобрува условите на граѓаните, да оддржува улици, канализација итн, вие станавте наеднаш експерт по историја и надворешна политика, професор доктор епидемиолог, калиф уместо калифа, се со цел да кулминира вашето 007 работење во редовите на СДСМ за локалните избори.

Слични содржини