ДИЖС: Девет правни субјекти немаат елаборат и ги испуштаат отпадните води во Радика и Мавровското езеро

На територијата на Националниот парк Маврово, девет правни субјекти не поседуваат потребен елаборат за заштита на животната средина, а голем дел од угостителските објекти ги испуштаат директно отпадните води во Радика и Мавровското езеро.

Ова е заклучокот по интензивниот надзор на Државниот инспекторат за животна средина, кој претходно доби претставки од страна на граѓаните.

„Досега се инспектирани 18 објекти и утврдено е дека 9 не поседуваат Елаборат за заштита на животната средина. Голем број инспекторирани угостителски објекти директно ги испуштаат отпадните води во Мавровско Езеро или реката Радика, како на пример хотелите “Радика”, “Бистра”, “Спорт”, “Лодге” и “Алпине”. Помали погони, како на пример “ЕуроЕдил”, “Новитет” и “Техно Блок”, сите лоцирани во село Скудриње, исто така немаат Елаборати за заштита на животната средина и испуштаат отпадни води во реципиент без пречистување“, се вели во соопштението на ДИЖС.

Сите субјекти кај кои се најдени неправилности, се задолжени најпрво да ја обезбедат потребната документација (одобрени елаборати за заштита на животната средина, дозволи за испуштање на вода во реципиент, проекти за изведба на пречистителни станици и слично), а потоа ќе добијат соодветни рокови за да ги применат сите неопходни мерки за спречување на загадувањето.

До крајот на март, велат од Инспекторатот, ќе се изврши надзор врз сите правни субјекти и ќе се преземат мерки за корекција на неправилностите.

Слични содржини