Џентилони: Новиот геополитички контекст е нов поттик во проширувањето, да се искористи оваа можност

од Radmila Tasevska

Еврокомесарот за економија Паоло Џентилони на панел дискусијата  „Градење економска соработка во тешки времиња“ на 20-от Виенски економски форум, истакна дека новиот геополитички контекст е нов поттик во проширувањето.

– Овој нов поттик е всушност можност за Западен Балкан и тоа е можност да се надминат тешкотиите, ветата, бавноста со која се соочувавме во изминативе неколку години. Ова не е лесно. Тука има геополитички поттик, но овој поттик ќе влијае  врз целиот процес на проширување и сметам дека треба да ја искористиме оваа можност, истакна Џентилони.

Тој потсети дека ефектите од глобалните случувања се чувствуваат низ целиот свет. -Европската економија покажа импресивна отпорност од овие шокови. Во 2022 година имавме фаза на раст и ако погледнеме во перспектива за следната година мислам дека повторно би можеле да имаме извесно ниво на раст. Во секој случај избегнавме рецесија. Но, знаеме дека растот ја губи својата динамика и предвидувањето на ЕК ќе се објави следната недела имајќи ги предвид добрите врски што ги споделуваме. Динамиката на растот во ЕУ ќе влијае и врз другите делови од Европа, посочи Џентилони.

Во тој контекст, додаде, со зголемени геополитички тензии, се соочивме со многу кризи и тие не зближија барем потенцијално.

-Ја зголемивме нашата макроекономска помош и презедовме мерки за солидарност во Европа, поддржавме ранливи домаќинства и помагаме да се изгради нова инфраструктура за да се намали зависноста од Русија во поглед на енергетиката, истакна тој.

Според Џентилони, од големо значење е Западниот Балкан да се приближи до европскиот пазар, да се продлабочи економската соработка, да се забрзаат реформите и да се зголемат претпристапните фондови.

-Ова според нас е нов пристап во смисла дека ние не само што бараме од нашите партнери да преземат нови чекори кон нас, туку и ние се обидуваме да направиме големи чекори кон нив. Го отвораме нашиот европски пазар во бројни области, со што нудиме слободно движење на стоки и услуги и работници, како и во делот на енергетиката и единствениот пазар. Пристапот до единствениот европски пазар е главниот двигател на растот и е клучен за економската конвергентност со остатокот од ЕУ и со остатокот од напредните економии, рече Џентилони.

На панелот се обратија и премиерот Димитар Ковачевски, заедно со премиерите на Албанија, Еди Рама, на Косово, Албин Курти, на Бугарија Николај Денков, како и министерот за економија на Молдавија, Думитру Алаиба.

Слични содржини