Додик: Оставете го тој европски пат, што ли веќе значи тоа?

од Stefanija Kuzmanovska

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, изјави дека нема напредок кој ќе гарантира дека до крајот на неделата ќе бидат усогласени трите закони неопходни за Европскиот совет да дозволи отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина.

На крајот на минатата недела, лидерите на партиите кои ја сочинуваат владејачката коалиција во Босна и Херцеговина начелно се согласија меѓупартиските работни групи до 16 февруари да го усогласат предлогот за трите реформски закони на кои инсистира Европската унија за да тие бидат усвоени од парламентот до крајот на месецот.

Додик сега тврди дека разговорите кои почнале во понеделникот не водат никаде.

„Сите се вратија на своите почетни позиции“, им рекол видно лутиот Додик на новинарите во Бања Лука.

Директорката за Европа и Централна Азија во Европската служба за надворешни работи, Анџелина Ајцхорст, за време на нејзината посета на Сараево минатата недела појаснила дека за препораката за отворање на пристапните преговори, неопходно е Босна и Херцеговина до март во парламентот да донесе закони за спречување на перење пари и судир на интереси во судовите.

Дополнително, таа изјави дека е неопходно Босна и Херцеговина дотогаш да ги отвори преговорите со Фронтекс за ангажман на европски полицајци за да се контролира мигрантската криза. Тие преговори официјално беа отворени во понеделникот и ова е единствениот европски услов што БиХ досега го исполнила.

Додик сега тврди дека нема напредок во преговорите, а атмосферата во која сега се водат разговорите ја нарече „апсолутно затруена“, па најавува дека ниту еден од потребните закони нема да биде донесен во дадениот рок.

„Оставете го тој европски пат. Што ли веќе значи тоа?“, рече Додик, кој тврди дека Европската унија повеќе не е привлечна.

Слични содржини