Доставено известување до ОЈО во врска со инцидентите со навивачите

од Vladimir Zorba

СВР Скопје денеска до надлежното јавно обвинителство достави соодветно известување во врска со инцидентите во кои беа инволвирани навивачките групи во скопски Центар и во Ѓорче Петров.

Како што информираа денеска од МВР, СВР Скопје во текот на изминатите денови интензивно работело на расчистување на двата настани во кои беа инволвирани навивачки групи и други граѓани во Скопје, на подрачјето на ЕВР Центар и ЕВР Ѓорче Петров, на 13 и 19 септември.

– Беа преземени сеопфатни мерки и активности во насока на расчистување на истите, утврдување на фактите во врска со настаните и идентификација на инволвираните лица во истите, преку обезбедување на видео записи, разговори со лица инволвирани во настаните и др. Во полициска станица беа повикани 16 лица, а се преземаат и дополнителни мерки во оваа насока. Притоа, за сите досега преземени мерки и активности согласно Законот за кривичната постапка до Основното Јавно обвинителство во Скопје е доставено Известување за настанот од 19.09.2020, додека за настанот од 13.09.2020 известување ќе биде доставено во текот на утрешниот ден, стои во соопштението од МВР.

По завршување на мерките и активностите согласно добиените наредби од Основното јавно обвинителство во Скопје и по комплетирање на документацијата, најавија, ќе биде доставен соодветен поднесок согласно Законот за кривична постапка.

МВР апелира до сите навивачки групи и до сите граѓани да се воздржат од упатување пораки кои предизвикуваат и поттикнуваат омраза или насилство врз основа на расна, национална и верска припадност или врз основа на други особини, што е казниво согласно Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари, како и согласно Кривичниот законик.

Слични содржини