ДПМНЕ излажа за потписите на Силјановска – немаат поддршка од граѓаните, порачаа од СДСМ

од Nikola Popovski

СДСМ повторно обвинуваат дека кандидатурата за претседател на Гордана Силјановска е доставена до ДИК не преку потписите на граѓаните, туку преку потписи на 30 пратеници. Според партијата на власт, „ВМРО-ДПМНЕ излажа за потписите на Силјановска“, додавајќи дека „ниту ДПМНЕ, ниту Гордана Силјановска немаат поддршка од граѓаните“.

Следуваше реакција од изборниот тим на кандидатот за втор претседателски мандат, поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски од каде прашаа дали навистина се собрани најавените над 28.000 потписи и „зошто граѓаните се мобилизирани ден по изборот на Силјановска, да чекаат со часови пред канцелариите на Државната изборна комисија за да се потпишат за поддршка“.

Според законот, претседателски кандидат може да биде предложен со граѓански потпис од најмалку 10.000 избирачи или со 30 потписи на пратеници. И покрај достапните пратенички потписи за Силјановска, таа најави дека ќе ја бара поддршката и од граѓаните. Оттаму беа видени редици граѓани пред канцелариите на ДИК во претпладневните часови на 3 март. Само неколку часа по почетокот на собирањето потписи за Гордана Силјановска, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски соопшти дека веќе се испорачани 20.000 собрани потписи, а при ажурирањето на информациите од ДИК соопштија дека се потпишале 28.086 граѓани.

Професорката Билјана Ванковска, претседателски  кандидат на Левица смета дека е неодговорно од ВМРО-ДПМНЕ, прво да ги повика своите симпатизери и членови да се потпишуваат на кандидатурата на Силјановска, а потоа истите гласови да не ги употреби при кандидатурата во ДИК.

-Како е можно она што беше опишано како „човечки и граѓански пркос“ и давање легитимација одеднаш да стане неважна дребулија во процесот на кандидирање. Уште сакам да верувам дека она на 3 март не бил само обичен политички блеф и спектакл, напиша Ванковска на Фејсбук.

ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли обвинувањата.

-Свесни сме за намерата на Пендаровски и СДСМ да продолжат да отвораат теми кои се надвор од реалноста, а ова е уште еден доказ за нивната желба да го прикријат неуспехот и поразот што ги очекува. Поднесувањето на кандидатурата е техничка процедура, проф.Силјановска-Давкова историски ја имаше најголемата поддршка од граѓаните при собирањето потписи за нејзината кандидатура и тоа е најголемата болка за Пендаровски и за СДСМ, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

По истекот на официјалниот рок за поднесувањето на документите за претседателските кандидати, ДИК ќе ги верификува, а редоследот на имињата на кандидатите на гласачкото ливче, утврден со ждрепка, ќе се знае најдоцна до 30 март. Изборната кампања за првиот круг од претседателските избори официјално започнува на 4 април и ќе трае до 22 април на полноќ. Првиот круг од претседателските избори во земјата ќе се одржи на 27 април.

Слични содржини