ДУИ и ВЛЕН се скараа за договорот за интерконекција со Албанија

Од ДУИ тврдат дека поради тоа што МЕПСО го раскинал претходниот договор државата ќе плати пенали од шест милиони евра, а од ВЛЕН враќаат дека сараевската фирма ништо не изградила и дека и ДУИ сакале да го раскинат

од Vladimir Zorba
10 прегледи Фото: Фејсбук/ДУИ

Владејачката ВЛЕН и опозициската ДУИ веќе неколку дена јавно се обвинуваат едни со други за штетни договори во МЕПСО -Оператор на електродистрибутивниот систем на Република Северна Македонија.

ДУИ тврди дека за раскинатиот договорот за интерконекција со Албанија, државата е казнета со шест милиони евра и дека новата компанија со која склучил договор МЕПСО е поврзана со Милорад Додиќ. Спортивно на ова од Влен тврдат дека иницијативата за раскинување на договорот била првично поттикната од претходното раоводдство од ДУИ и дека тоа е направено со длабока анализа и согласно правилата на ЕБРД.

Од опозициската ДУИ бараат генералниот директор на МЕПСО, Бурим Латифи, да одговори зошто е раскинат договорот за интерконекција со Албанија  со фирмата Енергоинвест од Сараево и склучен е  нов со фирмата ЕЛНОС БЛ ДООЕЛ од Бања Лука. Според ДУИ има сомнежи дека новоизбраната компанија е поврзана со Милорад Додик.

ДУИ тврди дека поради раскинувањето на договорот изминатите три дена, арбитражен суд, кој постапува според правилата на ФИДИК, ги отфрлил сите контрабарања на МЕПСО од 19,3 милиони евра и му признал на Енергоинвест од Сараево право на отштета од шест милиони евра. Според ДУИ овие средства ќе треба да бидат платени од државниот буџет, односно од џебот на граѓаните.

Надзорниот одбор на МЕПСО дал негативно мислење за раскинување на договорот, тврди ДУИ.

-Неприфатливо е за вакво сериозно прашање, кое се однесува на управување со јавни средства и институционална одговорност, да отсуствуваат транспарентност и отчетност. Јавноста има право да знае зошто е раскинат договорот со првата компанија и кои биле вистинските причини за таквата одлука, соопшти ДУИ.

ДУИ го повика Јавното обвинителство да го истражи случајот, а во рамките на своите надлежности истото да го стори и Државната комисија за спречување на корупцијата.

-Одговорност мора да има и институциите без одлагање треба да постапат, соопшти ДУИ.

Од  ДУИ обвинија дека Латифи, кој е братучед на градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, е именуван за генерален директор на МЕПСО врз семејна и политичка основа.

-Целосно неодговорна е континуираната тишина на Бурим Латифи, кој и по три дена не дал никакво објаснување пред јавноста во врска со штетата од околу шест милиони евра што ѝ ја нанел на државата, велат од ДУИ.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) брани проект за кој и нивните директори во МЕПСО биле на став дека треба да се раскине,  реагираа од коалицијата ВЛЕН.

Од ВЛЕН твдат дека постапката за раскинување на договорот била почната уште во време додека со МЕПСО раководеле кадри од ДУИ.

-Сега некој во опозициската партија има длабок интерес да штити проект кој, за пет години имал реализација од само четири проценти, а ја чинел државата огромни суми пари, соопшти Влен.

Од ВЛЕН  наведуваат дека иницијативата за раскинување на договорот со „Енергоинвест“ не е од денес, ниту е нечија лична одлука.

-Таа потекнува од претходниот менаџмент на МЕПСО, во време кога директор на правниот сектор бил Билен Салији, поранешен министер за правда од редовите на ДУИ. Значи, директор од ДУИ ја започнал постапката за раскинување, затоа што и самите увиделе дека договорот е нефункционален и ги чини граѓаните многу скапо, соопшти ВЛЕН.

Тие потсетија дека и поранешниот генерален директор на МЕПСО, Куштрим Рамадани, кадар на ДУИ, јавно изјавил дека би го раскинал договорот.

-Неговите зборови се јасни – немало активности на терен, немало основ за зголемување на цената, договорот бил фиксен, а компанијата практично не функционирала. Ова не се ставови на ВЛЕН, ова се ставови на луѓе од ДУИ. Фактите се непобитни. Проектот имал реализација од едвај четири проценти во период од четири години. Договорот бил истечен. Со години немало градежни активности, туку само обиди за дополнителни финансиски барања спротивни на договорот. Во исто време, државата плаќала камати за кредит уште од 2015 година, додека проектот стоел, изјавиа од ВЛЕН.

Според ВЛЕН одлуката за раскинување на договорот не е ниту политичка, ниту е импровизација, туку е донесена по детална анализа изработена во проект поддржан од Агенцијата на Соединетите Држави за меѓународен развој (УСАИД), со јасни насоки за постапување.

-Секој чекор понатаму е спроведен во согласност со правилата на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), под чиј надзор се реализира проектот.  И покрај ова ДУИ сега се обидува да создаде паника со бројки и конструкции, избегнувајќи да ги постави најважните рашања. Зошто во време на ДУИ не се градел овој проект за поврзување со Албанија? Кој имал интерес проектот да стои, а да се испумпуваат пари? Нефи од Охрид? Врвот на ДУИ? Кој профитирал додека се плаќале камати и се барале анекси? Истите тие?,  соопшти коалицијата ВЛЕН.