ЕУ одвојува уште половина милијарда евра за КОВАКС

од Берта Китинска

ЕУ ќе одвои дополнителни 500 милиони евра за програмата за набавка на вакцини КОВАКС, со што двојно се зголеми нејзиниот сегашен придонес кон глобалната иницијатива за обезбедување еднаков пристап до вакцините против Ковид-19.

Придонесот се состои од нови грантови на ЕУ од 300 милиони евра и 200 милиони евра гаранции од Европскиот фонд за одржлив развој плус кои ќе поддржат заем од Европската инвестициска банка.

Новиот придонес на ЕУ во глобалната набавка на безбедни вакцини го објави претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на видео состанокот на лидерите на Г7.

„Овој нов залог нè приближува кон постигнување на целта на програмата КОВАКС да испорача 1,3 милијарди дози на 92 земји со ниски и средни приходи до крајот на 2021 година“, рече фон дер Лајан.

Во Брисел тие нагласуваат дека „Тим Европа“ е еден од водечките донатори во иницијативата КОВАКС со над 2,2 милијарди евра, вклучително и нови 900 милиони евра што ги вети Германија денес.

Слични содржини