ЕУ усвои нови рестриктивни мерки поврзани со руската агресија врз Украина, меѓу санкционираните и компании од трети земји

од Radmila Tasevska

Во пресрет на втората годишнина од руската инвазија врз Украина, што започна на 24 февруари 2022 година, Советот на ЕУ усвои 13-ти по ред пакет на рестриктивни мерки кон физички и правни лица „одговорни за незаконската, неиспровоцирана и неоправдана воена агресија“ од страна на Русија.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, со новите санкции се опфатени 106 поединци и 88 субјекти одговорни за активности за поткопување или загрозување на територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина.

Станува збор за субјекти и поединци поврзани со рускиот воен и одбранбен сектор и со снабдувањето со оружје и опрема за Русија од Северна Кореја, како и за судии, локални политичари и лица одговорни за „илегалната депортација и военото превоспитување на деца од Украина“.

Меѓу санкционираните се и 27 правни субјекти кои директно го поддржуваат рускиот воен и индустриски комплекс, од кои некои се со седишта во Индија, Шри Ланка, Кина, Србија, Казахстан, Тајланд и Турција. Тие ќе бидат предмет на ограничувања при извозот на стоки и технологии со двојна употреба што би можеле да бидат користени од страна на рускиот одбранбен и безбедносен сектор, како компоненти за развој и производство на беспилотни летала, електрични трансформатори, железо и челик. Овие компании се осомничени дека ги заобиколувале трговските ограничувања кон Русија или дека биле вклучени во развојот, производството и снабдувањето со електронски компоненти на руската воена индустрија.

Со денешната одлука на листата на санкционирани поради активности со кои се поткопуваат или загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина се наоѓаат над 2000 физички и правни лица.

На санкционираните им е замрзнат имотот во ЕУ, а на граѓаните и компаниите од Унијата им е забрането да им доделуваат или стават на располагање какви било финансиски или други средства. Дополнително, на физичките лица им се забранува патување, влез или транзит низ територијата на ЕУ.

Според високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел, денешната одлука во пресрет на двегодишнината откако рускиот претседател „Владимир Путин ја започна целосната инвазија врз Украина“, претставува доказ дека Европската Унија продолжува со притисокот врз Русија.

– Остануваме обединети во нашата решеност да ја уништиме руската воена машинерија и да и помогнеме на Украина да ја извојува својата легитимна борба за самоодбрана и да ги поврати својата независност, територијален интегритет и суверенитет, истакна Борел, додавајќи дека денешните санкции првенствено се насочени кон субјекти во трети земји кои ја снабдуваат Русија со опрема, како и кон одговорните за „илегалната депортација и военото превоспитување на украинските деца“.

Слични содржини