ЕВБ: Зеленото светло за Скопје и Тирана е голем чекор за регионот

од Берта Китинска

Одлуката на Советот за општи работи на ЕУ да даде зелено светло за почеток на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија, што денеска треба да ја потврдат и лидерите на ЕУ, се покажа како „четврата среќа“ за двете земји, оценува порталот „Јуропиан Вестерн Балкан“ (ЕВБ).

Откако беше потпишан Преспанскиот договор во јуни 2018 година, постоеја очекувања дека барем Северна Македонија ќе добие позитивната одлука за старт на преговорите за членство со ЕУ на состанокот на Европскиот совет што се одржа неколку недели подоцна. Но, одлуката беше одложена за во јуни 2019 година, а потоа и за октомври 2019 година, кога повторно не беше донесено решение, туку беше предложено изработка на нова методологија за преговори и беше одлучено да се почекаат ажурираните извештаи на Еврокомисијата за двете земји. Конечно, во четвртиот обид Советот даде зелено светло за преговори, наведува ЕВБ.

Професорот по историја и политика на Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер во изјава за порталот оценува дека ваквата одлука претставува многу позитивен сигнал не само за овие две држави.

– Прво, таа испраќа порака дека процесот на проширување продолжува и дека и покрај сите проблеми, дури и во скептичните земји има доволно поддршка за продолжување на овој процес. Дури и земји како Франција и Холандија се согласија на овој процес. Второ, таа ги потенцира заслугите, бидејќи и двете држави спроведоа тешки реформи во последните години. На тој начин е спасен кредибилитетот на процесот, потенцира Бибер, кој е и координатор за Балканот во Советодавната група за европска политика (БиЕПАГ).

Според него, ваквата одлука претставува придобивка и за двете земји кандидати – Црна Гора и Србија, кои предничат во преговарачкиот процес, бидејќи сега добиваат поголема конкуренција, што би требало да го зголеми притисокот врз нив за да испорачаат резултати.

Бибер верува дека иако има уште многу да се направи и во Северна Македонија и во Албанија, сепак, оваа одлука ги наградува реформите и ги поттикнува да продолжат со нив.

Според него, ваквата оценка се потврува и со ставот на Европската комисија дека Албанија ќе мора да покаже дополнителен напредок во областа на изборното законодавство и во судството пред одржувањето на прва меѓувладина конференција меѓу Брисел и Тирана, барање што го упати германскиот Парламент уште лани во септември.

Слични содржини