Европратеник со провокации до ЕУ: Во Бугарија нема македонско малцинство

од Nikola Popovski

Бугарскиот пратеник од поранешната владејачка партија ГЕРБ, Емил Радев, со провокативни изјави апелираше до колегите од Европскиот парламент да не се обидуваат да ја промовираат темата за постоењето на македонското малцинство во Бугарија. Како што вели тој, во неговата земја нема македонско малцинство.

Во таа насока, пратеникот наведува дека претседателката на делегацијата, Софија инт Велд од либералната политичка групација „Обнова на Европа“ и претставничката на европската левица, Клер Дејли, си дозволуваат да си поигруваат со „тема која нема никаква врска со реалноста“.

-Во Бугарија нема македонско малцинство и тоа е став околу кој не треба да се дозволуваат компромиси. Очекувам дека јас и моите бугарски колеги во ЕП едногласно да го браниме тој став, без разлика на нашите политички убедувања и разлики. Поигрувањето со темата, која си ја дозволува екстремната левица на популисти како ирската пратеничка Клер Дејли, во најмала рака е во спротивност со вистината и во суштина претставува неправеден и пристрасен напад против нашата земја, посочил бугарскиот политичар, а објави сајтот „Епицентар“.

Одборот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи состави извештај на 17 ноември по посетата на делегацијата на Европскиот парламент на Словачка и Бугарија во септември оваа година. Во него не се зборува директно за македонското малцинство, но се зборува за дискриминација на некои групи кои претставуваат малцинство. Други социјални групи како што се ЛГБТ и етничките Роми се експлицитно именувани во извештајот.

Слични содржини