Европското „муслиманско прашање“ и новата секуларна крстоносна војна

од Stefanija Kuzmanovska

„Муслиманското прашање“ денес се побрзо станува она што беше „еврејското прашање“ во Европа од 19 век. Негативниот став кон исламот и муслиманските заедници се повеќе поставува граници за верска толеранција, плурализам и демократија, пишува Ибрахим Калин, портпаролот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во материјал за „Ал Џезира“.

Францускиот претседател Емануел Макрон се чини дека е свесен водач во секуларната крстоносна војна за да ја „спаси душата на Европа“, но неговите постапки се погрешни затоа што ги фаворизираат токму екстремистите кон кои тој цели. Објавувањето на невкусните карикатури на пророкот на исламот не е одбрана на слободата на изразување; тоа е вистински екстремистички чин.

Како што забележува експертот од Универзитетот во Пенсилванија, Ен Нортон, во својата брилијантна книга „За муслиманското прашање“, еврејското прашање во 19 век било тест за просветителските идеи за разум, толеранција и вклученост. Само со третирање на Евреите подложени на вековна дискриминација и прогонства, како еднакви, Европа може да тврди дека цивилизацијата се заснова на разум, доблест и слобода. Денес, начинот на однесување кон исламот и муслиманските заедници на Запад е тест за демократските и плуралистичките вредности што Западот тврди дека ги негува, пишува Калин.

Евроцентризам и брутализација на исламот

Серијата насилни напади на кои бевме сведоци изминатите неколку месеци во Европа, најавуваат нова и опасна епизода во модерната историја на религиозен и секуларен екстремизам: како апсолутистички идеологии, обајцата сакаат да му ја наметнат својата волја на светот и не се двоумат да ги жртвуваат сите на нивниот пат. Екстремизмот и апсолутизмот во нивните религиозни и секуларни форми не познаваат етнички или религиозни граници.

Со изјавата дека „Исламот е во криза низ целиот свет“ и се залага за повторно објавување на карикатури од „Шарли Ебдо“, Макрон не само што создава нови можности за организација на „Исламската држава“, „Ал Каеда“ и слични групи. да регрутираат и да ескалираат насилство, но го навредува и целиот муслимански свет. Кога барате од другите да се одречат од своите религиозни вредности затоа што вие сте ги изгубиле, тоа ја прави вашата политика да не е повеќе претпазлива или достојна за почит. Пророкот Мухамед за муслиманите останува најсветата и најценетата личност, без оглед колку секуларизмот, модерноста, просветлувањето или технолошкиот напредок ги обликуваат местата каде што живеат.

Почитувањето на ова не е компромис за насилниот екстремизам, туку морална и политичка должност. Макрон може да бара политички предности при започнување на нова секуларна крстоносна војна против исламот и презентирање на муслиманските малцински заедници како „други“ во однос на западната цивилизација, но оваа потрага нема да помогне во ублажување на кризата во која се наоѓаат неговите и другите земји во регионот. Тој повикува на реформа на исламот со цел да се покорува на „вредностите“ на Француската Република во време кога неговото општество ја изгуби вербата во тие вредности. Меѓутоа, се чини дека самодовербата не ги спречува длабоко вкоренетите империјалистички импулси.

Да беше само Макрон, постапувајќи со чувство на политички реваншизам, ќе беше полесно да се смири ситуацијата, но ова е подлабоко од тоа. Неговото однесување и реторика ја одразуваат по-просветителската рационалистичка ароганција – начин на размислување кој сака да го спаси западниот рационализам од неговите парчиња, напаѓајќи го исламот и муслиманите како антитеза на современиот, секуларен свет. Овој брутален секуларизам и евроцентризам се дел од проблемот. Како поинаку да ги објасниме повиците кон „француски ислам“, каков и да е тој, кога не слушаме такви повици кон француско христијанство, француски јудаизам, францускиот хиндуизам …?

Ново насилство против срцата и умовите

Макрон можеби ќе, а може и да не го добие она што го сака, но политичките ровови во кои самиот се вкопа само дополнително ќе го поткопа политичкиот мејнстрим кој веќе е под постојан напад на крајната десница во Европа. Ако ова е духот на политиката на Макрон, тоа е секако далеку од повнимателната и поинтерпретативна политика на францускиот филозоф Пол Рикор, од кого учеше Макрон на колеџ.

Муслиманите ширум светот ги осудуваат и отфрлаат екстремистите и терористите кои манипулираат со својата религија во име на борба против злата на модерната, секуларна западна култура. Како муслиман, вели Калин, пред сè сум должен да ја одбијам брутализацијата на мојата вера од неколку насилни екстремисти. Морам да се борам против социјалното и религиозно опкружување кое создава групи како ИСИЛ, Ал-Каеда и други терористички организации кои убиваат повеќе муслимани од која било друга група и што му штетат на исламот отколку на кој било друг непријател. Тука нема двосмисленост.

Но, објавувањето и одобрувањето на карикатури на Шарли Ебдо од страна на политичките елити во име на слободата на изразување е друга форма на насилство врз срцата и умовите на муслиманите ширум светот. Тоа само ги крева sидовите на раздвојување помеѓу исламските и западните општества. Ова го продлабочува чувството на недоверба во време кога очајно ни треба заемна доверба. Да се зборува против ваквата форма на насилство не значи да се оправдаат злосторствата на терористите во Франција, Австрија и на други места. Граѓанска и политичка должност е да се отфрли екстремизмот во сите негови форми, било да е тоа религиозен или секуларен. Да, насилството произведува насилство. Овој маѓепсан круг мора да го прекинеме во сите негови форми.

„Муслиманското прашање“ за денешна Европа нема да се реши со водење нови секуларни крстоносни војни. Потребна е поумна политика, вистинско чувство на почит кон другиот и посериозно разгледување на нашите заеднички вредности и заедничката иднина, додава портпаролот на турскиот претседател за „Ал Џезира“.

Слични содржини