Факти, парафакти и контрафакти во кампањата за бојкот на референдумот

од Vlatko K

Илјадници луѓе ја прочитале и ја споделиле информацијата дека Македонија се обврзала да покрене судска постапка против своите граѓани што не се согласуваат со договорот со Грција. Ова е само еден од 16-те „контрафакти“ што од почетокот на август се шират на социјалните мрежи, како реакција на владината кампања „факти за договорот“, пишува Призма.

Поддржувачите на бојкотот на референдумот за името закажан за 30 септември најнапред почнаа да ги менуваат фактите што ги објавуваше Владата, со истиот дизајн, само со променет текст (на пример од „државниот грб, знаме и химна не се менуваат“ во „се менуваат“), а потоа почнаа и со своја информативна кампања. Во онлајн-кампањата против референдумот се употребуваат и националистички пораки и повици за насилство, а се користат и сите скандали што ја потресоа Владата во изминатиов период.

Владата најави дека медиумската информативна кампања со која ќе се обиде да ги мотивира граѓаните да гласаат „за“ на референдумот ќе ја почне откако ќе утврди колку пари има за таа намена низ министерствата. Поддржувачи на владејачката партија на интернет водат кампања „за иднината“, во која главната порака е дека со гласот „за“ ќе се спречи враќањето на „режимот“.

Галерија од 16 точки

Иако Владата официјално не е во кампања, државни функционери, меѓу кои и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, веќе објавуваат содржини со хаштагот „факти за договорот“ и со други како „МК во НАТО“ или „придобивки од ЕУ“. Со нив тие порачуваат дека македонскиот идентитет и државните симболи се заштитени, дека ќе се зголеми безбедноста итн.

Но, на Фејсбук од минатата недела се појави страницата „Факти за договорот“, која ја следат речиси илјада луѓе и  која ги користи истите графички дизајни на пораките што ги испраќа Владата, но ја менува содржината. На оваа страница може да се прочита дека договорот не ја обезбедува македонската иднина (наспроти владиното „ја обезбедува), дека влегуваме во ЕУ и НАТО како Северномакедонци, дека македонскиот јазик не е заштитен итн.

Една од најсподелуваните објави досега е галеријата од 16 точки со наслов „што треба да направи Македонија од договорот со Грција“. Во 12-та од овие точки се вели дека државата ќе ги тужи тие што се против договорот. Дел од другите точки се факти, како тоа дека Македонија се обврзала да го смени името во Република Северна Македонија што ќе се користи секаде, дека на регистарските таблички наместо МК ќе стои НМК, дека ќе се менува Уставот, ќе се менуваат натписите пред сите државни институции, нема да се користи сонцето од Кутлеш итн.

Во друг дел од точките има недоречености, како тие дека ќе се менуваат сите пасоши, личните карти и возачките дозволи, без појаснувањето дека тоа нема да се прави одеднаш, туку граѓаните би добивале документи со новото име на државата како што ќе им истекуваат постојните. Исто така, се тврди дека со договорот земјава се обврзала да ѝ дозволи на Грција да побара измени во случај на грешки и пропусти во соодветната референца за името и терминологијата, како и да отстрани и промени споменици, јавни згради и инфраструктури ако Грција ги оспори.

Повеќе на Призма на следниот линк.

Слични содржини