Фатени четворица од напаѓачите во М-НАВ, во иднина МВР ќе ја обезбедува зградата

од Nikola Popovski

Четворица од бандата која вчера ги нападна вработени во радарската соба каде што е сместена обласната контрола на летање и каде што се водат прелетите, биле во полициска станица и против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, информираа синоќа од Министерството за внатрешни работи.

Според полицијата, се преземаат мерки за пронаоѓање на уште четири лица.

-Ја известуваме јавноста и дека МВР во наредниот период континуирано ќе ја обезбедува зградата на МНАВ, информираа од МВР.

Како што соопштија од владината прес-служба, на иницијатива на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во консултација со министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, а согласно состојбите во М-НАВ, на следната седница на Владата, закажана за вторник, 09.01.2024 година, за решение на постоечката ситуација ќе бидат предложени и донесени неколку одлуки: Целото раководство и сите членови на Управниот одбор да бидат разрешени, Да се отвори итна постапка за избор на нови членови на раководство и Управниот одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес.

-Ковачевски ќе го повика Јавното обвинителство, ДКСК, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните тела за контрола на авио-сообраќај да направат целосна ревизија на досегашното работење на М-НАВ, рекоа синоќа од Владата.

По вчерашната прес-конференција на првиот човек на синдикатот на М-НАВ, Александар Тасевски, кој соопшти дека контролорите на летање и техничарите нема да се откажат од нивните барања за одговорност на раководството на Навигација, три лица неовластено упаднале во зградата и нападнале некои од вработените. Наводно имало и боксови. Јавноста беше шокирана како може да се случи такво нешто во институцијата која има исклучителна одговорност да води грижа за безбедноста на авионите.

Ако не се промени состојбата во М-НАВ, Синдикатот по празниците размислува да оди на штрајк, но и чекор подалеку, со целосно затворање на воздушниот простор.

Тасевски со повик до Трудовиот инспекторат и Антикорупциска да ги чешлаат последните огласи за вработување во институцијата, за кои тврди дека се спорни по низа основи. Синдикалниот лидер го повика и Обвинителството, да истражи како биле потрошени 280.000 евра пари со кои требало да се изгради нова зграда.

Слични содржини