ФБИ: Бројот на злосторства од омраза во 2021 година најголем во последните 20 години

од Stefanija Kuzmanovska

Бројот на злосторства од омраза во САД во 2021 година е најголем во последните 20 години, објави ФБИ во извештај. Оригиналниот извештај, кој излезе во декември, покажа дека таа година биле пријавени 7.626 злосторства од омраза.

Меѓутоа, тој извештај не вклучува податоци од околу четири илјади институции за заштита на редот и законот, како и од големите полициски станици во Њујорк, Чикаго и Калифорнија. ФБИ соопштува дека сега кога добиле дополнителни податоци од полициските станици низ целата земја, може да обезбеди целосна слика за злосторствата од омраза во САД, пренесува „Гласот на Америка“.

Во соопштението ФБИ наведува дека дополнителниот извештај покажал дека бројот на злосторства од омраза се зголемил за 11,6 отсто, од 8.210 на 9.065.

„Тоа е рекорд во последните 20 години и втор најголем откако ФБИ почна да ги собира податоците во 1990 година“, според Брајан Левин, директор на Центарот за проучување на криминалот од омраза и екстремизмот на Универзитетот во Калифорнија, Сан Бернадино.

Тој забележува дека бројките во последниот извештај се разликуваат од оригиналот, кој покажува дека 10.530 случаи биле извршени само против една група, што е современ рекорд за злосторства од омраза.

Од „Гласот на Америка“ наведуваат дека побарале од ФБИ појаснување за „очигледното несовпаѓање во бројките“, но се уште не добиле одговор.

„Како и претходните години, црнците беа главно цел на злосторства од омраза во 2021 година. Оние кои беа насочени кон белите луѓе беа на второ место, а по нив се хомосексуалците, Евреите и Азијците“, наведува медиумот.

ФБИ го дефинира злосторството од омраза како кривично дело „мотивирано, целосно или делумно“, од предрасудите на напаѓачот во однос на расата, религијата, попреченоста, сексуалната ориентација, етничката припадност, полот или родовиот идентитет.

Годишниот извештај го користат полициски станици, писатели на закони, експерти и локални лидери, а ФБИ почна да го составува во 1990 година, користејќи документи собрани од 1920-тите. Сега ФБИ се префрли на посовремени начини на собирање податоци. Многу полициски станици бавно развиваа нови механизми и затоа извештајот во декември не беше целосен.

Претставник на ФБИ изјави за новинарите дека „проекциите на агенцијата за 2022 година по бројки веќе ја надминаа 2021 година“.

Слични содржини