Филипче најави дека ќе гостува во ТВ Алфа, но кога „ќе ја ослободи од анти-европскиот наратив“

Лидерот на СДСМ се заблагодари на поканата, но рече дека ќе дојде во телевизијата „кога ќе ја ослободи“

од Nikola Popovski
47 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук

Откако СДСМ добија покана за да гостуваат во ТВ Алфа и да ги кажат своите аргументи за обвинувањата кон телевизијата, денеска лидерот на партијата, Венко Филипче се заблагодари на поканата, но рече дека ќе дојде во тв „кога ќе ја ослободи“.

-Ќе ве ослободам од канџите кои што се ставени врз вашиот медиум, од црните пари од Унгарија. Има докажано или барем сомнеж дека вашата телевизија се користи за перење на пари, кога ќе ве ослободам од тој анти-европски наратив што го ширете и дискредитациони политики кои што ги креирате и спроведувате. Ако се прашува Тв Алфа, јас сум хиперкорумпиран човек кој што гради згради во Дубаи и има куќи не знам каде низ Скопје. Ваши новинари одеа и се сликаа пред куќи во Нерези кои што немаат никакви врски со мене. Вие не се извинивте откако завршија процесите на ДКСК. Сакате така да ме оцрните? Се додека има контрола преку тој Орбанов систем, јас нема да дојдам, рече Филипче на денешната прес-конференција во седиштето на СДСМ, одговарајќи на прашање на новинарка од телевизијата.

Лидерот на СДСМ потенцира дека е спремен да дебатира на било која тема.

Пред неколку дена, одговарајќи на новинарско прашање за етикетирање на медиумите, Филипче истакна дека паниката кај одредени куќи доаѓа по промената на власта во Унгарија и најавите на новиот унгарски премиер за испитување на бизнис-релациите на Виктор Орбан во регионот.