Претседателот на СДСМ, Венко Филипче нагласува дека вистинската причина за блокадата на европскиот пат не се уставните измени, туку тоа што ВМРО не сака контрола од европско обвинителство. Филипче посочи дека од промена на Уставот нема ризик, а зад наративот на ВМРО за наводни национални ризици се крие намерата да владеат без контрола…
„Тоа е вистината. Нема ништо лошо во тоа Бугарите, Хрватите и другите малцинства да се стават во Уставот. Нема никаков ризик, тие се измислени непријатели. Ако ние некогаш се соочиме со некои непринципиелни барања, може да се повлечеме конечно, а што сега што правиме? Ништо седиме во место и наводно се плашиме да не утре Радев или некој во Бугарија нешто направил што нас ќе не загрози, па кој може да ја загрози ако ние имаме тука национален консензус дека преку некои работи не поминуваме. И тоа е вистината затоа што не сакаат тука да дојде европското обвинителство. Тоа не сака ВМРО-ДПМНЕ за да има контрола на трошењето на парите за да има контрола на други системи, за да има зајакнување на системот. Само брутална партизација и злоупотреба на институциите. Тоа е суштината. Нема никаков друг ризик“, рече Филипче во емисијата „Тема на денот“.
Тој додаде дека она што е важно е граѓаните да бидат информирани за реалните придобивки од Европската Унија и уставните измени.
„Сметам дека граѓаните навистина не се доволно информирани што е целиот тој пакет којшто нас ќе ни овозможи да ги отвораме поглавјата и да ги добиеме толку посакуваните и очекуваните и потребни европски фондови, од кои вистински бенефит ќе имаат граѓаните содржи.Да се стават Бугарите, Хрватите во уставот да се отворат поглавјата, да добиеме пристап кон структурните фондови во Европа, коишто значат од 50 до 80 проценти грантови, неповратни средства, тука да се градат училишта, болници, патишта, пруги. Сето тоа за коешто оваа влада сега зема ултраскапи кредити“, кажа Филипче.
Во интервјуто, Филипче посочи дека наративите на ВМРО за загрозување на идентитетот се неточни и се само дел од нивната политичка пропаганда.
„Тука нема ништо од тоа што пропагандата на сегашната власт, на ВМРО-ДПМНЕ кажуваше. Таа кажуваше и дојде на власт во 2024 година со тоа што кажуваше дека се загрозени националните интереси, дека е загрозен јазикот идентитетот, дека некако и нешто било ставено под ризик. Ништо од тоа не е вистина. Тие дојдоа со една силна пропаганда националистичка реторика и што се случи, ја закочија земјата. Ниту еден закон во 2025 години не се донесе и тоа ја разобличува целата вистина зашто овој процес со Европа е закочен“, рече лидерот на социјалдемократите.