Филипче за ЗНАМ: Според анкетите, тие веќе не постојат

„Станува збор за група на екс-членови на СДСМ кои што, за жал, за свои сопствени, финансиски и лични интереси, ја поделија и разединија партијата“, вели претседателот на СДСМ за таборот на Максим Димитриевски

од Nikola Popovski
28 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук

„Претпоставувам е дека некое сервирање на информации што им одговара само на ЗНАМ поради тоа што на анкетите, тие практично веќе не постојат. Станува збор за група на екс-членови на СДСМ кои што, за жал, за свои сопствени, финансиски и лични интереси, ја поделија и разединија партијата. Имаа лажни ветувања дека ќе бидат некакви патриоти или контролор на власта“, изјави денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче на обвинувањата од Движењето ЗНАМ за раскол во редовите на социјалдемократите.

Филипче потенцира дека во редовите на ЗНАМ не направиле ништо туку дека се, како што вели, „приврзок на ВМРО-ДПМНЕ“. Тој потенцира дека нема разединетост во неговата партија. Тврди дека ја напуштаат само работата во Работната група за Изборниот законик, а не и Собранието.

Движењето ЗНАМ денеска обвини дека во СДСМ постои сериозна некоординираност и внатрешен раскол, посочувајќи дека партијата во рок од неколку часа испратила спротивставени пораки во врска со измените на Законот за Влада и можниот однос кон работата на Собранието.

Од ЗНАМ оценуваат дека јавноста наместо јасен став добила контрадикторни изјави од врвот на СДСМ, што според нив покажува дека во партијата нема усогласеност околу клучните политички прашања.

Како пример ги наведоа изјавите на лидерот на СДСМ кој изјави дека партијата нема да го напушти Собранието, туку само нема да учествува во работната група за Изборниот закон, и на координаторот на пратеничката група, Оливер Спасовски, кој порача дека „ниедна демократска метода не се исклучува“ и дека се можни и други чекори.