Филолошкиот факултет при УКИМ покажа дека соживотот може да биде и поезија, на „Денови на поезијата”

од Симе Стоиков

Соживотот може да биде и поезија! Оваа е една од многуте пораки што одекнаа од вечерта на современа македонска поезија „Лицето на зборовите”, што Филолошкиот факултет „Блаже Конески” при УКИМ, вчера ја одржа во рамките на манифестацијата „Денови на поезијата” во „Скопје Сити Мол”. Заедно со македонски поети и со доајенот на македонскиот театар, Благој Чоревски, студенти што студираат македонистика, во книжарницата на „Литература.мк” пренесоа антологиски стихови од македонски автори од сите генерации И со македонската љубовна лирика покажаа како се љуби на македонски.

Но, покрај на македонски, песни на Петре М. Андреевски, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Михаил Ренџов, Даница Ручигај, Евгенија Шуплинова и од уште десетина современи македонски поети, за првпат беа прочитани и во превод на албански јазик. Прводите ги подготвија студентите на кои мајчин им е албанскиот јазик, а со љубов и голема посветеност на Факултетот ги изучуваат македонски јазик, книжевност и култура, со решеност професионално да ѝ се посветат на македонистиката. Поттикот за ваквиот потфат е од наставата по современа македонска книжевност на Катедрата за македонска книжевност и култура и преку оствареното, уште еднаш се покажа – на Филолошкиот факултет при УКИМ, љубовта кон македонскиот збор ги обединува сите.

Неслучајно, вечерта започна со поезија од Петре М. Андреевски и беше насловена според негова песна. Не само поради 90-годишнината од неговото раѓање, туку како што беше нагласено и на настанот, затоа што тој во своите стихови ни кажа и покажа дека лицето на зборот не е едно. А Филолошкиот факултет со своите активности потврдува дека зборот има онолку лица колку што има и јазици.

Со оваа активност во рамките на манифестацијата „Денови на поезијата” се покажа со колкава заедничка посветеност и взаемна почит, современата македонска книжевност ја исчитуваат и студентите на кои мајчин јазик им е македонскиот, и оние што се родени говорители на друг јазик. Обединети околу идејата дека треба да се вложат во иднината на македонистиката. А ним им се придружија и поетите Веле Смилевски и Виолета Танчева-Златева, кои со публиката што го исполни сиот простор во книжарницата „Литература.мк” споделија дел од своите стихови.

Откако македонската љубовна лирика одекна на македонски и во превод на албански јазик, пред присутните се обратиија и деканот на Факултетот, проф. д-р Владимир Мартиновски и проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, професорка по современа македонска книжевност. Тие искажаа взаемно задоволство што љубовта кон лингвистиката, книжевната наука и преводот што им се пренесува на студентите дава вакви резултати. Ваквите остварувања, како што посочија се влог и во натамошните вложувања во афирмација на македонските книжевни вредности.

Со бројни активности, манифестацијата „Денови на поезијата” продолжува денес и утре.

Слични содржини