Фон дер Лејен: Влезот на Хрватска во Шенген и еврозоната е симбол на нови почетоци

од Vladimir Zorba

Нема место што посилно симболизира нови почетоци од хрватско-словенечката граница на Нова година, изјави во неделата претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, на денот кога Хрватска стана дел од еврозоната и Шенген зоната.

„Ова е ден за славење, ова е сезона на нови почетоци“, рече фон дер Лајен на веќе непостоечкиот граничен премин Брегана од Шенген, каде пристигна со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и новата словенечка претседателка Наташа Пирц Мусар.

„Нема место во Европа каде ова е повистинито од овде, на хрватско-словенечката граница“, нагласи Германката, нарекувајќи го влезот на Хрватска во областа на слободното движење и еврозоната огромно достигнување за најмладата членка на Европска унија.

Хрватскиот премиер посочи дека Хрватска ги постигнала сите свои цели, додавајќи оти верува оти Шенген и еврозоната ќе бидат од корист за хрватските граѓани и за хрватската економија.

„Ако има моменти кои може да се наречат историски, тогаш тоа е денес. 1 јануари 2023 година е денот кога Хрватска ги постигна своите стратешки, државни и политички цели за интеграција во Шенген и еврозоната. Ние сме првата земја што го направи тоа во ист ден“, рече премиерот Пленковиќ.

Тој посочи дека воведувањето на еврото и влезот во Шенген зоната е од големо значење за Хрватска како туристичка земја.

На полноќ, по помалку од десет години членство во Европската унија, Хрватска стана членка на Шенген зоната, со што се приклучи на клубот со 26 други земји и 420 милиони луѓе во најголемата светска област на слободно движење меѓу земјите.

Со новата година и Хрватска стана членка на еврозоната, како единствена земја која стана дел од две интеграции во ист ден.

Слични содржини