Генерален штрајк во Грција како одговор на железничката несреќа во која загинаа 57 лица

од Stefanija Kuzmanovska

Во Грција денеска е објавен генерален штрајк како одговор на минатомесечната железничка несреќа, а планирани се и бројни протести ширум земјата.

Поради штрајкот откажани се бројни летови, траектите останаа во пристаништата, државните болници работат само со најпотребниот персонал, прекинат е јавниот превоз, а откажана е и наставата во училиштата.

Синдикатите ги здружија силите со Здруженијата на работниците во железницата, кои повеќе пати ја прекинаа работата од 28 февруари, кога патнички и товарен воз се судрија во близина на градот Лариса во северна Грција, при што загинаа 57 лица, а десетици беа повредени.

Владата, на која ѝ претстојат парламентарни избори пред летото, најави дека железничкиот сообраќај ќе биде обновен на 22 март и постепено ќе биде отворен до 11 април, со дополнителен персонал кој ќе ја надгледува безбедноста и задолжителната контрола на брзината долж неколку делници од пругата.

Резултатите од анкетите покажуваат дека администрацијата на премиерот Киријакос Мицотакис има предност во однос на другите партии, но таа е намалена во последните неколку недели во однос на централно-левичарската партија Сириза.

Слични содржини