Германски медиуми: Блокадата на преговорите со Македонија го води Макрон во судир со Меркел

од desk4

Печатот во Германија во вечерните онлајн изданија речиси едногласно ја лоцира вината за неуспехот да се исполни ветувањето кон Северна Македонија и Албанија во Франција. Водечките Франкфуртер алгемајне цајтунг (Париз го блокира проширувањето на ЕУ) и Зидојче цајтунг (Кочничарски маневар на Париз) пишуваат дека непопустливоста на официјален Париз довела до блокада на Скопје и Тирана на патот кон ЕУ, цитиран од ДВ.

„Франција продолжува да и се спротивставува на намерата на мнозинството ЕУ партнери за отворање на преговори за пристапување кон ЕУ со Северна Македонија. Француската министерка за европски прашања Амели де Моншалан остана изолирана на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург“, пишува ФАЦ.

Зидојче цајтунг пренесува оти сега се очекува „темата за проширувањето да биде отворена од канцеларката Ангела Меркел на француско-германската меѓувладина конференција во Тулуз во среда, како и на самитот на ЕУ лидерите во Брисел в четврток.“

„Таму многумина ќе можат да го критикуваат ставот на Макрон и од него да побараат да даде зелено светло“, пишува Зидојче цајтунг. Онлајн изданието на магазинот Шпигел оди и чекор понатаму и прогнозира „скандал“ на самитот на ЕУ на кој, францускиот претседател Макрон може да остане целосно изолиран.

„Се акумулира експлозив“, предупредува за Шпигел високо рангиран дипломат.

Слични содржини