Главната сестра на Инфективна: Се чувствувам одлично, вакцините се безбедни

од Nikola Popovski

Габриела Темелковска, главната сестра на Инфективната клиника, е една од првите две здравствени работници што денеска ја примија вакцината против Ковид-19.

„Се чувствувам одлично и со вакцинирањето сум многу посигурна за заштита на сопственото здравје. Чувствувам олеснување. Вакцините се безбедни“, изјави Темелковска.

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека денеска и официјално почна процесот на имунизација против Ковид-19 во земјата.

„Ова се докторка и сестра, дел од персоналот на Клиниката кои изминатата година се бореа за секој човечки живот, денонокно работеа, докторката Ина и главната сестра Габриела се првите кои ја примија вакцината на „Фајзер“. Денеска продолжува вакцинацијата на сите вработени на Инфективната клиника. Следат вработените во сите ковид – центри најпрво тука во Скопје, во ГОБ „8 Септември“, Институтот за белодробни заболувања во Козле, Интерните клиники…За време на викендот бониците ширум државата и приватните болници“, рече Филипче.

Пунктот во модуларната болница ќе има шест вакцинални позиции, кои ќе работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствен дом Скопје.

Слични содржини