Гори катедралата Нотр Дам во Париз (видео)

од Vladimir Zorba

Познатата катедрала Нотр Дам во Париз е зафатена од пожар. „Избегнувајте го тој простор и ослободете го патот за возилата на противпожарната служба и Итната помош да можат да интервенираат“, се наведува во објавата на полицијата на Твитер.

Фотографиите и видеата на социјалните мрежи прикажуваат пламен и дебели облаци од чад во близина на нејзиниот врв, кој е опкружен со скелиња поради реновирањето на катедралата. Токму реновирањето се смета за една од можните причини за избувнувањето на пожарот.

Градоначалничката на Париз Ан Идалго изјави дека противпожарните бригади се обидуваат да го стават под контрола огнот.

„Ужасен пожар е во тек во катедралата Нотр Дам во Париз. Пожарникарите се обидуваат да го стават под контрола огнот. На локално ниво сме мобилизирани и во постојан контакт со црковните власти. Барам сите да го почитуваат безбедносниот периметар”, напиша таа на Твитер.

Околу 13 милиони посетители и верници ја посетуваат црквата годишно, или во просек околу 30.000 дневно. Во најфреквентните денови, над 50.000 луѓе дневно влегуваат во катедралата. Таа е катедралата на Париз и седиштето на архиепископот на градот.
Богородичната црква се смета за најубавиот пример за француската готска архитектура.

Слични содржини