Графолошкото вештачење го откри „терористот“ кој им се закануваше на Јовевски и Рускоска

од Берта Китинска

Лицето кое испрати писмени закани по живот до јавните обвинители Љубомир Јовески и Вилма Рускоска е 56 годишниот С.З. од Битола, соопшти МВР.

-На 20 и 22 декември 2021 година тој преку редовна пошта од АД Пошта на Северна Македонија – подружница Прилеп, испратил писма со сериозни закани по животот на јавниот обвинител од ОЈО Вилма Рускоска, а на 17 јануари 2022 година преку редовна пошта од АД Пошта на Северна Македонија – Битола, испратил писмо со сериозни закани по животот на Љубомир Јовески, јавен обвинител на Република Северна Македонија. Како испраќач на сите писма пријавениот навел лица со невистинити генералии.

Веднаш по добиените пријави, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и СВР Битола, во соработка со Агенцијата за национална безбедност преземаа мерки и активности за расчистување на случајот.

Полицијата на 21 јануари 2022 година извршила претреси на две локации на подрачјето на Битола и тоа во домот на Зика и во домот на неговата мајка, при што се пронајдени и одземени мобилен телефон, лаптоп компјутер и предмети поврзани со кривичното дело.

Заканувачот е уапсен, а по разговорот со него и по извршеното графолошко вештачење од страна на Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења, утврдено е совпаѓање на обезбедениот рачен ракопис од него и рачниот ракопис во напишаните заканувачки писма. Тој е приведен и со кривичната пријава ќе биде предаден на надлежното Обвинителство, соопштија од МВР.

Слични содржини