Грант од КфВ банка за втората фаза од изградбата на вп „Богданци“ и третата фаза од ревитализацијата на големите хидроелектрани

„Ветерниот парк „Богданци“ не е само инвестиција за енергетиката, тоа е инвестиција во нашата економија, инвестиција во иднината на нашите граѓани, посочи Стефанов.

од Бети Божиноска

АД ЕСМ и германската и КфВ банка денеска потпишаа договор за грант од 20 милиони евра за реализација на втора фаза од изградбата на ветерниот парк „Богданци“ и за третата фаза од ревитализацијата на шесте големи хидроелектрани Вруток, Врбен, Равен, Тиквеш, Шпиље и Глобочица.

Со реализацијата на втората фаза на ветерниот парк „Богданци“ се заокружува проектот во целост со вкупна инсталирана моќност од 50 мегавати. Дополнително, планирано е изградба на пристапни патишта, како и на 20-киловолтна кабелска мрежа. Локацијата ќе биде во состав на постојниот парк на ветерни електрани на ридовите Ранавец и Главите на надморска височина од 300 до 500 метри.

Со третата фаза, пак, од ревитализацијата на  шесте хидроелектрани е предвидена замена на застарената и дотраена опрема со цел да се постигне намалување на времето на прекин поради планирано или непланирано одржување, зголемена доверливост и стабилност на системот, како и заштита на животната средина.

„Денешното потпишување на договори за грант за реализација на проекти кои се однесуваат на втората фаза од ветерниот парк Богданци, како и третата фаза од ревитализацијата на големите хидроелектрани кои се во износ од 20 милиони евра, претставува уште една потврда за успешните политики на Владата во делот на декарбонизацијата на енергетскиот сектор, како и на заложбите на ЕСМ за изградба на одржлив енергетски сектор кој поседува капацитет да се справи со предизвиците на глобалните економски текови,“ рече Васко Стефанов, генерален директор и претседател на УО на АД ЕСМ по потпишувањето на договорите за грант.

Тој нагласи дека постојниот ветерен парк „Богданци“ во 10-годишното работење со произведените над 1000 гигават часа електрична енергија го има надминато планот за производство кој беше предвиден во проектот и студиите за реализација на овој проект.

„Ветерниот парк „Богданци“ не е само инвестиција за енергетиката, тоа е инвестиција во нашата економија, инвестиција во иднината на нашите граѓани. Реализирањето на оваа втора фаза ќе придонесе кон креирање нови работни места, развивање на локалната заедница и унапредување на енергетската инфраструктура. Од особена важност е фактот дека ветерниот парк Богданци не претставува само локален, туку и меѓународен фактор со особен придонес во борбата против климатските промени,“ посочи Стефанов.

Нашиот ангажман кон обновливата енергија, додаде, не само што не’ прави лидери во регионот, туку и придонесува кон глобалната идеја за транзиција кон одржлива и чиста енергија.

„Спроведувањето на третата фаза од проектот за ревитализација и модернизација на големите хидроелектрани започна пред една година со потпишувањето на договорот за заем на шесте големи хидроелектрани Вруток, Врбен, Равен, Тиквеш, Шпиље и Глобочица кои обезбедуваат помеѓу 20 и 30 проценти од вкупното производство на електрична енергија во земјава. Со овој проект предвидена е замена на застарената и дотраена опрема во хидроелектраните со цел да се постигне намалување на времето на прекин поради планирано или непланирано одржување, зголемена доверливост и стабилност на системот, како и заштита на животната средина,“ истакна Стефанов.

АД ЕСМ, како што кажа, во следниот период ќе се најде пред сериозни предизвици поврзани со економскиот развој на нашата држава, а тоа е декарбонизација на енергетскиот сектор.

„Со помош на нашите партнери и меѓународните финансиски институции овде би ги споменал и КфВ, меѓутоа и ЕБРД, ЕИБ и други присутни во регионот се работи на сериозен инвестициски план со кој успешно треба да се спроведе енергетската транзиција не само на ЕСМ, туку и на македонскиот енергетски систем,“ потенцира Стефанов.

Холгер Шредер, раководителот на Одделот за добрососедство и проширување при ЕУ порача дека енергетската криза ни покажа колку е битно да се вложува во обновливите извори на енергија и додаде дека земјава е лидер на полето на енергетска транзиција во Западен Балкан.

„Двата проекта за кои зборуваме денеска ќе помогнат да се намали емисијата на Јаглероден диоксид. Тоа е добро за економијата, но и за здравјето на граѓаните,“ рече Шредер.

Посочи дека Европската Унија и понатаму ќе продолжи да поддржува проекти во делот на обновливи извори на енергија.

„Модернизацијата и климатската трансформација на енергетскиот сектор со поддршка од Тим Европа е клучен дел од процесот на пристапување во ЕУ. ЕУ ќе продолжи да биде силен партнер во обезбедувањето помош за спроведување на проектите во обновливата енергија со целите за промовирање на економскиот раст, заштитата на животната средина и на крајот да ве доближи до Унијата,“ истакна Шредер.

Германската амбасадорка во земјава Петра Дрекслер посочи дека ветерниот парк „Богданци“ покажал дека е возможно во овој регион да се реализираат комплексни капитални инвестиции.

„Со реализацијата на втората фаза овој капацитет ќе произведува струја за околу 22 илјади домаќинства со што ќе спречи емисија на  околу 15 илјади тони Јаглероден диоксид во воздухот. Ветерниот парк Богданци придонесува за зазеленувањето на енергетскиот сектор и што е поважно исто така го прави поодржлив,“ рече Дрекслер.

Пабло Обрадор, директор на Одделот за Енергетика за Западен Балкан и Турција во КфВ банката посочи дека инвестирањето во енергетската транзиција е инвестирање во иднината.

„Со неповратниот процес на декарбонизација, од огромно значење е да се зголемат инвестициите во обновливи извори со цел да се зголеми енергетската безбедност и да се ублажат негативните влијанија врз климата,“ рече Обрадор.

Нагласи дека ќе продолжат да ја поддржуваат декарбонизацијата во земјава колку што е тоа можно и додаде дека според него не постои друга алтернатива.

Слични содржини