Актуелно
Почетна / Глобално / Балкан / Ѓукановиќ му порача на Курти: Се надевам на скоро одржливо решение за Косово

Ѓукановиќ му порача на Курти: Се надевам на скоро одржливо решение за Косово

За време на телефонскиот разговор со косовскиот премиер Албин Курти, црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ рекол дека се надева оти наскоро ќе се создадат услови за продолжување и засилување на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Мило Ѓукановиќ му се заблагодари на Курти за иницијативата за разговор „во контекст на пријателски добрососедски односи меѓу двете држави и продолжување на интензивните политички контакти“, се вели во соопштението објавено од Радио телевизијата на Црна Гора.

Ѓукановиќ го извести Курти за успешното завршување на првата фаза од борбата на Црна Гора против коронавирусот, истакнувајќи дека најважната преокупација на државната политика сега е економското закрепнување.

Меѓу другото, Ѓукановиќ посочи дека Црна Гора внимателно следи сè што се случува на Косово и регионот во целина и изрази надеж дека наскоро ќе се создадат услови за продолжување и засилување на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Тој изрази надеж за скоро изнаоѓање на квалитетно и долгорочно одржливо решение што ќе придонесе за регионална стабилност и просперитет кон заедничката цел – интеграција во ЕУ.

Курти ја потврди „заложбата за принципиелно и добро подготвено продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина“, потенцирајќи дека има проблеми, но дека со работа и соработка во иднина може да се напредува.

loading...