Гвардиола: Клоп ми помогна да бидам подобар тренер

од Nikola Popovski

Пеп Гвардиола, тренерот на Манчестер Сити, изјави дека ривалството со Јирген Клоп од Ливерпул го направил подобар тренер.

-Откако дојдов тука, можеби не првата година, но Ливерпул отсекогаш бил таму. Екипите на Јирген Клоп ми помогнаа да станам подобар тренер. Ме стави на друго ниво, да се докажам, да бидам подобар тренер. Тоа е причината зошто сe уште сум во бизнисот. рече Гвардиола, пренесе Би -Би -Си.

Сити ќе игра на „Енфилд“ против Ливерпул во Премиер лигата в недела од 17.30 часот.

Сити освои три титули во последните четири сезони, а единствениот пат кога не успеа, шампион беше Ливерпул, во сезоната 2019/2020.

Гвардиола загуби осум натпревари во сите натпреварувања против Клоп, што е повеќе од било кој друг тренер. Тој дојде во Сити во 2016 година, Клоп го презеде Ливерпул една година претходно, а двајцата имаа и дуели во Бундеслигата, кога Шпанецот го водеше Баерн од Минхен, а Германецот го предводеше тимот на Борусија од Дортмунд.

-Во последните четири години, обајцата сме тука, тоа е најдобриот комплимент, дека двата клуба се на врвот. Но, не постојат само еден или два тима во Премиер лигата, има многу кои можат да се борат за титулата, рече Гвардиола.

Последниот дуел Сити го доби на Енфилд со 4:1 во февруари, а Клоп изјави дека неговиот тим мора да одигра најдобро што може против шампионот на Англија.

-Тоа е навистина посебна натпревар секоја година. Мора да бидете најдобрата верзија на себе и само тогаш имате шанса. Мораме да одиграме правилно за да имаме шанса, но ова е Енфилд. Навистина се радуваме што ќе играме, изјави тој.

-Сити е веројатно најдобриот тим во Европа во моментов. Играа против Челзи минатиот викенд, сите зборуваа за тоа колку е добар Челзи, што е, но Сити беше подобар. Мораме да победуваме и да постигнуваме голови, но исто така ќе треба да се браниме на највисоко ниво за да останеме во игра, така што головите што ќе ги постигнеме би направиле разлика, додаде Клоп.

По шест одиграни кола во Премиер лигата, Ливерпул е прв на табелата со 14 бода, а Сити е втор со еден бод помалку.

Слични содржини