Гвардиола: Заљубени сме во Халанд, сакаме уште долго да игра за Сити

од Vladimir Zorba

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола изјави дека би сакал норвешкиот фудбалски репрезентативец Ерлинг Халанд да го продолжи договорот со англискиот клуб, пренесуваат британските медиуми.

Гвардиола ги коментираше информациите на одредени шпански медиуми кои неодамна објавија дека Халанд е незадоволен од својот статус во Манчестер Сити и наводно е подготвен за нов предизвик во кариерата.

„Што мислите? Дека не сакаме Ерлинг да остане овде една деценија? Го сакаме во клубот долго, долго време. Ние сме заљубени во него. Ништо нема да се случи врз основа на една објава на Твитер, Инстаграм, еден текст од новинар, но ќе се случи кога Ерлинг ќе реши да го продолжи договорот или не… Или кога клубот ќе одлучи истото, кога ќе имаме потенцијални понуди… “, рече Гвардиола, пренесува веб-страницата „Гол“.

Тој истакна дека секој заинтересиран клуб може да испрати понуда за норвешкиот фудбалер.

„Ако некој го сака Ерлинг, тоа е едноставно. Јавете се на Сити и прашајте. Така правиме кога сакаме да донесеме некого. Не е ништо покомплицирано од тоа“, додаде менаџерот на Манчестер Сити.

Халанд (23) пристигна во Манчестер Сити во 2022 година од Борусија Дортмунд. Минатата сезона постигна 52 гола на 53 натпревари.

„Тој беше неверојатен минатата сезона. Имаше добри бројки на почетокот на оваа сезона, а потоа беше повреден два месеци. Што ќе се случи во иднина? Искрено, не знам. Среќни сме што го имаме, се надеваме дека е среќен што е со нас. Ова е она што го знаеме. А останатото? Не знам“, заклучи Гвардиола.

Халанд оваа сезона одигра 23 натпревари за Манчестер Сити во сите натпреварувања и постигна 19 голови. Тој има договор со англискиот клуб до 30 јуни 2027 година.

Слични содржини