Хаџи Јанев: По Украина и Блискиот Исток, Балканот е сериозно жариште за поткусурување – Македонија не е надвор од збиднувањата

од Nikola Popovski

Ситуацијата во која се наоѓа светот денес за жал е со очекувања како од пред десетина години-дека има доминација на либералната демократија и дека работите во светот ќе се решаваат по тие правила. Тоа е минато. Оттука, проблемите во светот па и кај нас може да пораснат од нула до максимум за 5 секунди. Тоа значи дека ако немате изградено капацитети како утре дека ќе има војна, може да се најдете во многу незавидна ситуација. Македонија не е надвор од сите тие збиднувања. После Украина, и Блискиот Исток, заедно со Кавказот, Балканот е сериозно жариште за поткусурување, вели за „Локално“ професорот по безбедност, Методи Хаџи Јанев околу безбедносната состојба во државатта и дали можеме да „спиеме мирно“ со оглед на геополитичкиот контекст.

Според него, тоа е апел кој треба да ги разбуди сите оние кои живеат во периодот на деведесеттите.

-Геополитиката не е егзактна и лесна да се предвид. Потребни се многу предзнаења, поинакви калкулации и следење на состојбите. Наједноставно два и два не се четири секогаш. Со други зборови, нема место за паника ако ги засукаме ракавите „уште од вчера“, денес веќе сме со еден ден доцнење ако сакаме да спиеме мирно, додава професорот.

На прашањето колку самата Македонија е подготвена да остане „цврсто на нозе“ пред заканите кои доаѓаат, Хаџи Јанев порачува дека до Европа за Русија конвенционално имате три пристапа.

-Едниот преку централна и источна Европа, другиот е преку Југоистокот или Баканот и третиот е преку Балтикот. Оној кој се брани не го одбира правецот на напад. Напаѓачот е тој кој тоа го прави. Оттука, кога би се ставиле во улога на напаѓач секогаш би барале правец преку кој најлесно ќе дојдете до целта. Тоа значи дека оној регион или дел кој е најлесно да го дестабилизирате е логично да биде избран за примарна цел. Иако, изненадувањето не се прави преку она што е најочекувано. Она што плаши во дадената ситуација е што иако Русија нема да тргне, барем засега конвенционално кон Европа, но ќе дејствува притаено. Германија веќе ја тресат скандали. Балканот сам по себе е трусно подрачје по многу нешта. Дури и онаму каде се мислело дека се надминати недоразбирањата излегува дека не се. Земете го прашањето со Бугарија и нас и се ќе ви биде јасно. Жално е што многу Европјани, не можат да го сфатат спорот како што не можеа да го сфатат спорот со Грција. Албанија се плашам дека ќе почне да ја доживува нашата реалност, порачува соговорникот.

Во тој контекст, истакнува Хаџи Јанев, овој котел сам по себе е темпирана средина која може да биде искористена за дестабилизација. За среќа за сега евро-атлантската агенда е силна.

-Централизираниот и детерминистички начин на одлучување базиран на припадноста во таа насока оди во прилог бидејќи центрифугалните сили од евроатлантскиот пат засега се слаби. Но, тоа не значи дека така и ќе остане. Внатрешните проблеми, корупцијата, лошто лидерство, лошата приказна со демографијата и сл. се фактори или променливи кои негативно може да се одразат на таа сигурност и преку ноќ претпоставките за стабилност да исчезнат. Тоа повторно упатува на поголема будност, дециден е професорот.

Со оглед на „замрзнатиот конфликт“ на Косово и дали е можно прелевање на кризата во Македонија, Хаџи Јанев смета дека српскиот претседател Александар Вучиќ на еден или на друг начин барем за сега успева да истрае во приказната која е на позиции некаде после Кумановскиот Договор.

-Најверојатно од малку подруга перспектива ќе имаме подобар преглед за тоа дали истрајноста на Србија се исплати или пак е залудно потрошено време. И покрај тоа што Србија нема речиси никаков удел на Косово, дури не им ги признава ни таблиците, не отстапува од својата перцепција за Косово. Факт е дека рамките во кои се ставени лидерите на Косово и Србија се втемелени во мирното решавање на спорот и засега присуството на КФОР е клучен фактор за тоа. Но, тоа може лесно да пламне ако тектонските пореметувања започнат да се случуваат, особено заради фактот што работите дома на терен или овде во регионот не се решени. Тие по се изгледа само се одложени или пролонгирани без да има реален прогрес во свеста и пристапот кон решавање на проблемите. Еве и зошто, ако сите Срби, сите Албанци, сите Бугари, сите Македонци, сите Хрвати, сите Бошњаци сакаат да бидат во една држава, се чини дека може и тоа е ЕУ. Оттука секое одлагање за реформите и за ослободување од пречките на тој пат се само лоша илузија која квазилидерите во регионот ја генерираат, а од која најголема корист имаат тие кои не му мислат добро на својот народ, порачува проф. Хаџи Јанев.

За вооружувањето на Македонија со современа опрема, соговорникот истакнува дека вие може да го имате и најсофистицираното оружје, но ако ги немате правите луѓе, тоа може да е за џабе. Според него, одбраната во едни вакви услови не зависи само од вооружените сили, туку од капцитетот на целото општество да покаже еластичност и подготвеност да ги намали ризиците, да биде подготвено да го прими ударот и да може да врати назад за да си го сочува тоа што го има.

-Самиот факт дека се фокусираме премногу на тој дел мене ме плаши бидејќки кажува дека не го разбораме времето во кое живееме. Не ги разбираме ни законите ни Уставот. Вооружените сили се само да го запрат првиот бран во еден масовен нпад. Водењето на опсежни операции не дај боже е должност на секој граќанин. Тоа Украина најдобро може да ни го каже. После извесно време и присутви на неколку конференции во регионот не сум сигурен дека на јавноста баш до крај и е јасно тоа. Мислам дека на постарите генерации многу добро им е јасно за што говорам. Само еден податок а вие натаму можете да оцените на што мислам. Во Македонија 18 години немало регрутен состав од масовен карактер. Тоа значи дека имате 18 генерации кои немаат ни о од одбрана на системот. Старите велат „во очи Божик, прасе не се гои“. Тука ќе застанам. Сајбер заканите на одбранбената критична инфраструктура се сфаќаат многу сериозно во целиот свет и тоа е еден, иако не толку нов, современ вид војување. Дали националните капацитети за сајбер одбрана се на ниво? Не се. И со тоа не ви кажувам ништо ново. Претходниот директор на ОТА јавно тоа го подвлече и со право на отворена конференција. Факт е дека се прават напори тоа да се смени. Ама не сум сигурен дека темпото и нивото на посветеност на тоа е на ниво. Во исто време имаме една појава да голем дел квалитетни луѓе од челните позиции во сајбер безбедноста заминаа во приватниот сектор. Ние не сме единствени кои го имаат овој проблем и затоа е добро ако почнеме да применуваме некои добри практики од сојузниците. Тоа пак само по себе потврдува зошто е добро да продолжиме таму каде над 30 години се стремиме, заклучува професорот.

Н.П.

Слични содржини