Харадинај бара Курти да ја преиспита одлуката за регистарските таблички

од Vladimir Zorba

Лидерот на ААК, Рамуш Харадинај побара од косовскиот премиер Албин Курти да ја преиспита својата одлука за регистарските таблички. „Курти – размисли за советите на пријателските земји“, му рекол тој, пренесува Косев.

Харадинај синоќа се огласи по вчерашната одлука на Владата на Косово да продолжи со етапно отстранување на српските регистарски таблички на северот, на што САД не реагираа позитивно и изразија загриженост и разочарување бидејќи Курти не ја прифатил сугестијата на меѓународните партнери да се одложи процесот за следните 10 месеци.

„Последната одлука на премиерот за регистарските таблички, некоординирана и без консултација со западните сојузници, особено со САД, е кратковидна одлука која може да има последици за земјата“, рече Харадинај.

Како што додаде, неприфатливо е кога бараме од најмоќните светски демократии да ни помогнат да ставиме крај на вековните спорови со Србија, а токму кога тие се на врвот на ангажманот, нашиот премиер дејствува независно – без координација со стратешките партнери.

„Не можете да барате помош од пријателските земји и да ги игнорирате нивните совети, особено кога тие не само што ве зедоа под своја заштита, туку благодарение на нивната посветеност, Косово денес е слободно и независно. И ова е спротивно на албанската традиција“, рече Харадинај.

Тој нагласува дека Курти како премиер мора внимателно да ги анализира своите чекори и да биде во целосна хармонија со Америка и ЕУ.

„Затоа барам од него да ја преиспита одлуката за регистарските таблички. Сакам да верувам дека изразеното разочарување на нашите партнери од оваа одлука на премиерот нема да има последици за одличните односи што Косово ги има со нив!“ – порача Харадинај во апелот до Курти.

Да потсетиме, Владата на Косово ја донесе одлуката за етапна пререгистрација на возилата со српски регистарски таблички.

Како што јавува Косев, иако експлицитно не најавиле дека ќе го продолжат претходно утврдениот рок, 31 октомври, во пракса нивната одлука за отстранување на српските регистарски таблички сега ќе важи до 21 април – почнувајќи со опомени кои ќе се издаваат до 21 ноември, казни за пробните плочи до 21 јануари, до целосно отстранување на 21 април.

Курти тврди дека одлуката од 29 јуни „не била одложена, туку засилена“.

Слични содржини